Франција го ратификуваше протоколот за членство на земјава во НАТО
Предлог- законот на Министерот за Европа и надворешни работи со кој се овластува ратификација на Протоколот на Северноатлантскиот договор за пристапување на Република Северна Македонија, изутринава беше првата точка на дневниот ред на Француското национално собрание, кое по расправата во која зедоа учество претставниците на сите политички групи даде зелено светло за ратификацијата на Договорот...

Со голем број на гласови, освен тие на комунистите и Непокорна Франција, најмногу поради идеолошки причини, Француското национално собрание по денешната расправа го усвои Законот за ратификација на протоколот за членството на Северна Македонија во НАТО. Во воведниот збор француската државна секретарка за европски работи, Амели де Монтшалан нагласи:
„Скопје секогаш даде потврда на постојаност во својата надворешна политика, ориентирана кон Европа, Европската Унија и НАТО.“
Во дебатата која траеше над еден час, скоро сите учесници ја истакнаа геостратегиската положба и значење на нашата земја за на Балканот и Европа и нејзиното определување за евроатлантските интеграции, за што се направени големи жртви, како промената на името на земјата.
Пратеничката Фредерик Дима, пратеничка од редовите на групата Слободи и Територии, потсети дека како филмски продуцент работела со Милчо Манчевски на филмот Пред Дождот, и за тешкотиите филмот да се запиши под името на земјата.
„Сакам со ова да потсетам колку беше тешко да се најде согласност за името Северна Македонија, кое допира во идентитетот на народот, тоа беше долго и тешко. Последиците од договорот од Преспа беа одлучувачки за Грција, на изборен план владата поднесе пораз директно поврзан со оваа одлука. Од друга страна македонското население исто така има чувство дека беше распродаден нивниот идентитет.“
Дума потсети на референдумот за промената на името, при што посака таа сега, предностите од членството во НАТО да придонесат за намалување на негативните чувства.
Државната секретарка за европски прашања, Амели Моншалан ја искористи приликата и пред Националното Собрание уште еднаш ги објасни за нас добро познатите француски позиции за проширувањето.
„Свечено сакам да кажам дека европската перспектива, тој марш кон членството не е ставен во прашање, туку напротив“, рече таа.
Пристапувањето на Северна Македонија во НАТО, според објаснувањето дадено од француското министерство за Европа и надворешни работи ќе ја зајакне безбедноста на регионот и на алијансата како целина.
Франција ќе остане особено будна, во однос на клучните принципи на процесот на проширување на НАТО, а тоа се проценка на сопствените вредности на земјите-кандидатки и нивниот придонес за безбедноста на евроатлантската област.
Тони Гламчевски, дописник од Франција за МРТ
