Здравство

Од утре бесплатна вакцинација против грип

21.11.2019 13:45

Од утре почнува бесплатната вакцинација против сезонскиот грип. Набавени се 28 илјади вакцини. Достапни ќе им бидат на сите пензионери над 65 години, хронично болните, трудниците и децата до 5 годишна возраст.

Шест илјади граѓани кај матичните лекари веќе закажале термин за бесплатна имунизација против сезонски грип. Со задоцнување од еден месец, од утре почнува вакцинацијата. Набавени се 28 илјади дози. Ќе им бидат достапни на сите пензионери над 65 години, хронично болните, бремените и децата до 5 -годишна возраст. Имунизацијата ќе се врши во пунктовите на поликлиниките Ѓорче Петров, Букурешт и Чаир, а треба да се закаже на системот „Мој термин“.

„Ќе се одвива во три поликлиники. Овие поликлиники ќе работат во попладневните часови од 14 до 18 часот и ќе бидат покриени со екипи од превентивната заштита. Ќе се закажува преку матичните лекари со Мој термин. Од денеска мој термин е веќе отворен и има закажувања, од утре екипите ќе почнат со работа“, изјави Виктор Исјаковски, директор на Здравствен дом Скопје.

Вакцината штити од четири типа вируси. Министерот уверува, Вакцина ќе има за секој што сака да се имунизира против грип.

„Апелирам да се вакцинираат сите. Ова е модерна вакцина ги покрива сите можни причинители на грипот кој што се очекува според епидемиолошките карактеристики да владее како во регионот, така и во нашата земја заради тоа што ова претставува навистина ефикасна заштита, особено за хронично болните и постарите лица на кои што може да се накалемат многу компликации“, изјави министерот за здравство, Венко Филипче.

Неделава почна имунизацијата со комерцијалните вакцини, за кои граѓаните плаќаат по 650 денари. Пикот на сезонскиот грип се очекува во февруари, а најефикасна е вакцинацијата во ноември и декември, која обезбедува најголема заштита.

 

Андријана Атанасовска