Заев: Правосудните органи да соработуваат
Премиерот Заев побара правосудните органи да соработуваат меѓусебе. Од опозицијата велат дека одговорност мора да има, а не обвинителството да ја штити власта. Министерката Десковска со најава дека ветингот ќе биде организиран од мешовита комисија,а не од извршната власт...
„Граѓаните сакаат резултати и секогаш кога има нетрпение меѓу обвинителството и судот тоа непријатно се доживува“, рече премиерот Заев за последните препукувања меѓу Апелацискиот суд и обвинителката Рускоска. Вели дека нема да се впушта во дополнителна дискусија, но апелираше до правосудните органи да соработуваат посочувајќи дека пред судот, обвинителството и одбраната се еднакви.
Од ВМРО-ДПМНЕ велат дека одговорност за обвинителството и судството мора да има. Според опозициската партија, целта на Вилма Рускоска е да го заштити Заев од криминалниот рекет. Ослободувањето на Јанева од притвор е доволен показател дека власта е во длабока спрега со криминалот, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
Министерката за правда, Дескоска смета дека СМС порака која Рускоска ја испратила до член на советот на апелација е суштински јасна, без разлика во каков стил е напишана.
Ветингот на судиите и обвинителите треба да биде добро осмислен, да не се спроведува набрзина, да се знае кој и како ќе го врши и да не се претвори во мешање на извршната во правосудната власт, смета првиот човек на Советот на јавни обвинители, Ацо Колевски.
Игор Панов
