Пендаровски во официјална посета на Србија
Во Палата Србија во Белград, шефот на државата Пендаровски ќе биде примен со највисоки државни и воени почести од српскиот претседател Александар Вучиќ. Двајцата државници ќе имаат тет-а-тет средба, по што ќе следува пленарен состанок меѓу делегациите на Македонија и на Србија.

Претседателот Стево Пендаровски денеска и утре е во официјална посета на Србија. Во Палата Србија во Белград, шефот на државата Пендаровски ќе биде примен со највисоки државни и воени почести од српскиот претседател Александар Вучиќ. Двајцата државници ќе имаат тет-а-тет средба, по што ќе следува пленарен состанок меѓу делегациите на Македонија и на Србија.
„Немаме отворени билатерални прашања, имаме заеднички цели и грижи, да градиме општества во кои нашите граѓани ќе имаат добар квалитет на живот и во кои младите луѓе нема да се иселуваат и ќе добиваат шанса да успеат дома“, вели Пендаровски во интервју за „Политика“.
Шефот на државата укажува дека врските меѓу двете земји не ги градат само институциите, туку и бизнисот, како и многубројните семејни релации меѓу граѓаните од двете земји.
Според агендата, Пендаровски ќе има одвоени средби со премиерката Ана Брнабиќ и со претседателката на Народното собрание Маја Гојковиќ, а утре во Нови Сад ќе говори на 4-иот Регионален младински форум.
Македонскиот претседател ќе разговара со претседателот на Стопанската комора на Србија и со бизнисмени.
