Прилеп

Зголемен интересот за самовработување и сопствeн бизнис

22.11.2019 10:29

Во Прилеп се потпишаа 35, а годинава вкупно 116 договори со Агенцијата за вработување преку мерката за самофинансирање и отворање сопствен бизнис. Занимањата се оние што ги бара пазарот, а интероесот е зголемен во споредба со лани...

Авто- лимари, плочкари, мајстори за кнауф, за трговија на мало и посебно атрактивно, за фитнес-салони, се занимањата кои се бараат на пазарот, а невработените во Прилеп ги отвораат како сопствен бизнис, барајќи ја својата иднина.

Денеска 35 невработени прилепчани, а годинава вкупно 116 потпишаа договори со Центарот за вработување да отворат сопствен бизнис и да користат грант од по 5.000 евра. Велат дека може да го развијат бизнисот и да обезбедат финансиска стабилност за себе и за своите семејства.

Зголемен е интересот за самовработување со користење грант. Ако лани се потпишале 86 договори, годинава се повеќе за 30. Главно, поради солидните грантови и поволните услови, а ќе може да користат и други субвенции.

Последниве две години, бројот на невработените во Прилеп е на исто ниво, околу 11.600, од кои 7.000  се активни баратели на работа. Агенцијата има повеќе активни мерки со кои нуди услови за отворање свои бизниси, субвенционирање, обуки како и за кредитирање на стопанстевниците.

 

Елизабета Митреска