Ангеловска: За 1,7 милијарди денари намалени обврските на институциите, општините, локалните установи
Преку системот на евиденција на обврските, покрај тоа што се обезбедува фискална транспарентност, се подобрува и фискалната дисциплина кај институциите и општините.
За 1,7 милијарди денари намалени се доспеаните обврски на институциите, општините, локалните установи, во првите девет месеци годинава споредено со истиот период лани, соопштуваат од Министерството за финансии.
Како што посочи министерката во ТВ интервју, иако во текот на годината институциите и општините оперативно преземаат нови обврски, важно е дека кумулативно износот на обврски се намалува. Преку системот на евиденција на обврските, покрај тоа што се обезбедува фискална транспарентност, се подобрува и фискалната дисциплина кај институциите и општините.
Ангеловска посочи и дека преку новите алатки за транспарентност ќе се подобри фискалната дисциплина на сите јавни субјекти. Преку платформата за транспарентност „Отворени финансии“ јавноста ќе може да ја пребара секоја трансакција на сите буџетски корисници, ќе може да се види кон која компанија, кон кое физичко лице се извршила исплата, кој буџетски корисник - колку средства исплатил.
