УЧИЛИШТЕН ИНФОРМАТОР

Учениците од Општина Гази Баба на средба со градоначалникот

22.11.2019 12:30

Учениците поставуваа прашања во врска со проблеми од секојдневниот живот во училиштето и во општината, како и со нивни предлози за решавање на истите...

Учениците од ООУ „Стив Наумов“ заедно со Првата детска амбасада во светот Меѓаши-Република Македонија одржаа средба со Борис Георгиевски, градоначалник на општина Гази Баба .Учениците поставуваа прашања во врска со проблеми од секојдневниот живот во училиштето и во општината, како и со нивни предлози за решавање на истите.

На средбата учениците на градоначалникот му ги поставија следниве прашањa:

1. Поради загадениот воздух во нашата општина, чувствуваме лоша миризба во воздухот. Какви мерки планираопштината да преземе?

Градоначалникот посочи дека врз загаденоста на воздухот влијаат многу фактори, како на пример: фабриките, сообраќајот и домаќинствата. Тој како најголеми загадувачи ги издвои домашните ложишта.Како преземени мерки Градоначалникот ги наведе субвенциите за греење на дрвени пелети, со што се заменува греењето на дрва, што влијае на загаденоста. Исто така, тој наведе мерки што планира општината да ги преземе во врска со загадувањето: позеленување на градските површини, позеленување на површините зафатени од пожари, обезбедување посебни паркинг места за жителите на населбата Автокоманда, како и ригорозни  казни за несовесните граѓани.

2. Многу луѓе се преплашени од кучињата-скитници. Што планирате да преземете во врска со ова прашање?

Градоначалникот одговори дека општината сама не може да го реши целиот проблем. Тој изјави дека во план е од наредната година да бидат згижени кучињата во шалтери и да имаат ветеринарна контрола, да бидат стерилизирани и потоа вдомени од страна на граѓаните што сакаат да го направат тоа. Предлозите на учениците беа ветеринарни услуги и креирање страница на Фејсбук која ќе се однесува само на вдомување на уличните кучиња. Исто така, Градоначалникот апелира на совесност кај сопствениците на домашни миленици, затоа што некои од нив се дел од проблемот со кучињата-скитници.

3. Во нашето училиште се соочуваме со повеќе проблеми: тоалетите се во многу лоша состојба, клупите и корпите за отпадоци се уништени, нема врата на женската соблекувална, нема интернет во училиштето, слабо осветлување околу училиштето.

Градоначалникот кажа дека во тек е поставување оптички кабли низ општината со цел да се решат проблемите со интернетот. Во врска со поставувањето  клупи во училишниот двор тој  рече дека работниците во јавното претпријатие за Комунална Хигиена ги заменува старите, оштетени клупи со нови. Но, тој посочи и дека новите клупи најчесто стануваат жртви на вандализам, и тоа за краток временски период, и затоа предложи еко-патроли иницирани од младите. Во врска со осветлувањето, пак, тој изјави дека се планира поставување  ЛЕД-светилки кои се штедливи, и би заштедиле 60%-70% од сегашната потрошувачка со нештедливи светилки.

4. Во општината има многу бездомни луѓе, вклучувајќи деца и млади. Што планира општината да преземе во врска со овој случај?

За ова прашање Градоначаликот рече дека е одговорно Министерството за труд и социјални работи. Во врска со сместувањето на бездомниците,пак,рече дека тие се сместуваат во центарот Чичино Село. А во зимскиот период добиваат топли оброци и неопходна нега.

5. Во општината има многу отпадоци и ѓубре што претставуваат закана за нас и за нашето здравје. Дали има некои мерки што општината предвидува да ги преземе за да се реши овојпроблем?

Градоначалникот посочи дека за решавање на овој проблем треба да се подигне свеста кај граѓаните. Тој исто така кажа дека во план е поставување  дополнителни контејнери за зградите, и доделување канти за отпадоци во куќите, со кои ќе се селектира отпадот уште во домаќинствата, и потоа ќе биде собиран со посебни возила,што ќе го однесат веќе селектираниот отпад на понатамошна преработка. Сепак, тој нагласи дека најважно е граѓаните да се свесни за овој проблем со цел тој да се реши.

Средбата заврши со предлог за повторна средба напролет, кога ќе се разгледаколку од мерките се преземени, и колку од проблемите се решени.

Радмила Гиевска