Русковска го доставила писменото образложение за СМС пораката

22.11.2019 12:50

По острите преписки на релација Русковска- Апелација, Советот на јавни обвинители најверојатно ќе ја повика нивната колешка да даде отчет за СМС пораките.

Обвинителката Вилма Русковска испратила писмен допис до Републичкото јавно обвинителство и до Советот на јавни обвинители за СМС пораката за случајот со Катица Јанева- потврдуваат од двете институции за МТВ.

По острите преписки на релација Русковска- Апелација, Советот на јавни обвинители најверојатно ќе ја повика нивната колешка да даде отчет за СМС пораките. Претседателот на Советот за јавни обвинители, Ацо Колевски за МТВ појаснува дека побарале писмена изјава од Русковска. Ќе ја разгледуваат на колегиум и се очекува да донесат некаков заклучок или став за нивната колешка, што ќе биде објавен во текот на денот.

Советот ќе се состане откако судиите од скопска Апелација испратија допис до нив за СМС пораката на обвинителката Русковска. Оттаму објаснуваат- евентуална одговорност може да утврди единствено државниот обвинител.

Во меѓувреме, Обвинителството го анализира решението на Апелација со кое и беше определен куќен притвор на Катица Јанева, но според првичните согледувања немаат законски основ да поднесат вонреден правен лек пред Врховниот суд. Ќе почекаат до понеделник и ќе ги разгледаат сите опции пред да решат што ќе преземат.