Филипче: Се спроведува трансформација на договорите на сите работници од определено на неопределено време
За идната година повеќе пари за здравството. Буџетот ќе тежи 7,1 милијарда денари. Приоритет ни се пациентите и зајакнување на здравствениот систем- вели министерот Филипче. Се решава статусот и на кофинансираните специјализанти...
Откако протестираа пред Министерството за здравство, на 130 лекари специјализанти кои ги кофинансира државата ќе им биде трансформиран работниот однос од определено на неопределено време. Со промената на договорите за работа, од февруари наредната година ќе добиваат иста плата како другите колеги.
Од ресорот велат, се подготвува измена на Законот за здравствена заштита. Месечен надоместок во износ од просечна докторска плата, ќе има и за приватните специјализанти запишани годинава.
„Такви млади кадри идни специјалисти во различен период на специјализацијата ни се потребни во јавното здравство, се согласивме и веќе се прави драфт измена на Законот за здравствена заштита кој што во најскоро време ќе го пуштиме во владина, а понатаму во собраниска процедура. Исто така излеговме во пресрет на барањата на приватните специјализанти кои што сега се запишаа оваа година на специјализација 2019 за да бидат платени исто како што се платени и групата специјализанти кои ги затекнавме 2018 година“, изјави министерот Филипче.
Од ресорот велат, се менуваат договорите за работа на сите здравствени работници од определено на неопределено време. Министерот Филипче го презентираше новиот буџет за наредната година кој е најголем досега и ќе тежи 7,1 милијарда денари. Повеќе пари ќе има за подобрување на условите во здравствените установи, за навака на опрема, лекови. Во фокусот ни се пациентите, вели министерот Филипче.
Андријана Атанасовска
