Фонд за иновации

Ќе бидат поддржани околу 80 компании со 11,2 милиони евра

22.11.2019 15:17

До крајот на годината Фондот за иновации и технолошки развој ќе објави уште два јавни повика за кофинансирани грантови за комерцијализација на иновации, како и повик за новоформирани и спин- оф компании. Во годинашниот втор бран за комерцијализација на иновации аплицирале околу 500 компании, а се очекува да бидат поддржани околу 80 од нив...

До крајот на годината Фондот за иновации и технолошки развој ќе објави уште два јавни повика. За кофинансирани грантови за комерцијализација на иновации се наменети 6 милиони евра, додека за повик за новоформирани друштва, старт-ап и спин-оф компании 1,5 милион евра. Во годинашниот втор бран за комерцијализација на иновации аплицирале околу 500 компании, а се очекува да бидат поддржани вкупно околу 80 од нив.

„Просечната плата на лицата кои што ќе бидат ангажирани во реализација на овие проекти е некаде околу 700 евра, односно 60% над националниот просек во моментов.Она што исто така радува е што околу 400 лица ќе бидат нововработени, од 800 коишто ќе бидат директно ангажирани во реализација на овие проекти“, изјави Јован Деспотовски- директор на Фондот за иновации и технолошки развој.

Постапката за индивидуално разгледување на поединечните буџети веќе тече, вели Деспотовски, а ќе отпочне и постапката за потпишување договори, така што до крајот на годината ќе бидат исплатени и првите средства.

Анализата по индустрии покажува дека најголем број, односно 26 компании се од ИТ секторот, додека по 5 се од креативните индустрии и образованието. По 4 припаѓаат на електрониката и електротехниката,технолошката индустрија,текстилот и кожарската индустрија и машинството. Како и порано најголем број компании, односно 2/3 или 44 се лоцирани во Скопје. Новина е таканаречената брза лента или скратена постапка за компании кои повторно аплицираат со подобрени проекти според насоките и препораките на Комитетот за одобрување инвестиции. Со формирањето на техничка Влада, Фондот за иновации нема да објавува нови јавни повици, ниту пак ќе се носат одлуки за финансиска поддршка,најави Деспотовски.

Свето Николовски