Се бара термин повеќе за вакцинација против грип
Со еден месец задоцнување, почна вакцинацијата со бесплатните вакцини против грип. 28 илјади дози кои на тендер ги набави Министерството за здравство им се достапни на пензионерите над 65 години, хронично болни, трудници и деца до 5 годишна возраст. Во Скопје имунизација ќе се врши и во вакциналните пунктови во поликлиниките Ѓорче Петров, Букурешт и Чаир. Се бара термин повеќе.
Почна бесплатната вакцинација против сезонскиот грип. Вакцините се наменети за лица над 65 години, лица со хронични заболувања, деца на возраст од 6 месеци до 5 години, бремени жени и здравствени работници. Закажувањето за вакцинација се одвива на електронскиот систем „Мој термин“. Дел од граѓаните и покрај тоа што вакцината е бесплатна, не успејаа да дојдат до термин, па мораа да платат 650 денари.
Оние кои имаат искуство од претходните години, велат дека досега добро поминале и нема да се остават без вакцина.
Епидемиолозите апелираат, освен препорачаните категории граѓани да се вакцинираат и оние лица кои работат на места каде се во контакт со повеќе луѓе и оние кои дома имаат хронично болни или мали деца.
Раководителката на одделението за епидемиологија од Центарот за јавно здравје, вели дека интересот е голем, а пикот за вирусите се очекува во февруари.
Покрај десетте центри за јавно здравје, вакцинацијата се спроведува и во трите поликлиники: Букурешт, Чаир и Ѓорче Петров при Здравствениот дом во Скопје.
За оваа сезона набавени се 28.000 вакцини од коишто 27.000 се за возрасни, а 1.000 за деца. Дополнително на овој број набавени сѐ уште 20.000 вакцини за сите оние граѓани коишто сакаат комерцијално да ја купат вакцината и да бидат вакцинирани.
Ана Јосифоска- Тодоровска
