Заштита на сакралните објекти
05.03.2014 10:27
Алармните уреди поставени во сакралните објекти на иницијатива на дебарско-кичевската епархија и на музејските работници започнаа да даваат првични резултати во заштитата на нашето национално богатство кое изминатиот период безмилосно беше крадено и препродавано преку црните канали...

Алармниот систем ја спаси црквата „Свети Архангел Михаил“ во Битуше и вредните икони, но крадците не се откажале па ја ограбиле црквата „Света Богородица“ во селото Јанче. Директорот на музејот „Никола Незлобински“ во Струга, вика конечно вродиле со плод превземените мерки кога станува збор за заштитата на вредните црковни предмети.
„Сега првпат се покажа нивното превентивно делување за кое ние се залагавме сите години. Еве, при обидот за кражба од црквата во Битуше, алармот едноставно ги има одвратено крадците да влезат внатре во црквата. Во Јанче превентивно делувавме уште пред неколку месеци, така што и кога влегле крадците внатре, не нашле икони. Тоа се копии кои се наоѓаат во црквата“, вели Цветкоски.
Митрополитот дебарско-кичевски Тимотеј е задоволен што алармите ги одвраќаат крадците, но тоа не може да обезбеди максимална заштита на сакралните објекти и вредните предмети во нив.
„Дава резултати поставувањето аларми, но кај што нема луѓе, не знам кого ќе алармирате. Во секој случај има една народна поговорка „Стравот лозјето го варди“. Меѓутоа, тоа не е тоа. Ако живеат луѓе во селата има помала опасност од арамии. Во Битуше алармот покажа добри резултати. Таму има многу добри икони кои барем засега се запазени“, вели владиката Тимотеј.
МВР регистрирала над 260 кражби во црквите во текот на последните години, не вклучувајќи ги оние кои се случија во последните неколку месеци.
Кај албанските „колекционери“ пронајдени се 21 икона од македонските цркви.
Во акцијата „Икона“, што албанската полиција ја реализира на 8 октомври минатата година се запленети 1.077 икони, артефакти, бронзени и други предмети, кои потекнуваат од средниот век.
Кон крајот на декември лани, група од петмина експерти по иконографија и вработени во македонската полиција во присуство на обвинител, престојуваа во Тирана, заради идентификација на иконите украдени од Македонија. Тогаш беше потврдено дека 21 икона припаѓаат на македонските цркви.
Јованчо Наумоски
