Комисија за финансирање и буџет

Почна расправата за предлог- буџетот за наредната година

25.11.2019 13:04

Во матичната собраниска комисија за финансирање и буџет почна расправата за предлог- буџетот за наредната година. Владата предлага рекорден буџет од 3 милијарди и 615 милиони евра, при проектиран раст на БДП-то од 3,8 насто, и планиран дефицит во државната каса од 2,3 проценти. Опозицијата обвини дека државната каса е зголемена за 200 милиони евра, додека капиталните инвестиции се намалени за 43 милиони...

Претставуваме реален буџет кој ги лоцира приоритетите и ги алоцира парите на граѓаните онаму каде што ќе дадат најголеми резултати, изјави министерката за финансии Ангеловска на првиот ден од расправата во матичната комисија. Посочува дека предлог- буџтот предвидува спроведување на макро-економска политика насочена кон задржување на макроекономска стабилност, зголемување на конкурентноста на економијата и зголемување на вработеноста.

Во 2020-та ќе инвестираме во подобро здравство, образование, подобра социјална грижа и подобри услови за живот на сите граѓани, вели Ангеловска. Владата предлага рекорден буџет од 3 милијарди и 615 милиони евра, при проектиран раст на БДП-то од 3,8 насто. Се планира дефицит во државната каса од 2,3 проценти.

Според власта, во фокусот ќе биде човечкиот капитал, односно подобрување на здравствениот, образовниот и социјалниот систем, како и силна поддршка за раст на реалниот сектор. За опозицијата, станува збор за популистички и предизборен буџет.