Украина останува на работ на војна
На маргините на конференцијата за Либан во Париз, државниот секретар на САД Кери и рускиот министер за надворешни работи Лавров ќе разговараат во обид да ги намалат тензиите...

Без ниеден истрелан куршум, Украина останува на работ на војна пред денешната средба Русија-НАТО. На маргините на конференцијата за Либан во Париз, државниот секретар на САД Кери и рускиот министер за надворешни работи Лавров ќе разговараат во обид да ги намалат тензиите. И покрај суштинската разлика во ставовите дали се работи за „инвазија“, како што тврди Вашингтон или „самоодбрана“, како што инсистира Москва, двете страни навестија дека претпочитаат дијалог. Напредок е и соопштението на новата украинска власт дека почнале консултации на министерско ниво со Москва.
„САД го осудуваат чинот на агресија на Руската Федерација. Сведоци сме на големи промени и за време на тој период остануваме со народот на Украина“, изјави Џон Кери, државен секретар на САД.
Владата ќе донесе дополнителна одлука за поддршка на вооружените сили на Украина, вклучувајќи ги и тие распоредени во Автономната Република Крим и за исполнување на сите обврски на Украина кон украинскиот народ на Крим. -Арсениј Јаценјук, привремен премиер на Украина
Претседателот на САД Обама разговараше со германската канцеларка Меркел за деескалирање на кризата. Планот предвидува руската војска да се повлече во базите на Крим и да бидат испратени меѓународни набљудувачи кои ќе ги гарантираат правата на етничките Руси.
Кремљ се уште се нема изјаснето за предлогот. Во меѓувреме, руската војска го стега обрачот околу украинските бази, но отвори коридор за достава на вода и други неопходни продукти. Украинските војници имаа можност да се видат со семејствата.
Ивана Салтировска
