Кина

Пекинг нема да го смени односот кон Хонгконг

25.11.2019 13:12

Официјален Пекинг уште еднаш потсети дека Хонгконг е дел од Кина, без разлика што се случува таму. Локалната влада го призна поразот на изборите, а Јапонија повика Хонгконг да остане слободен и отворен град...

Официјален Пекинг најавува дека нема да го смени односот кон Хонгконг откако продемократската опозиција победи со апсолутно мнозинство на изборите во Хонгконг. Резултатот се толкува како нов удар за шефицата на локалната влада, Кери Лам, и осуда на нејзиниот однос кон насилните протести што со месеци ја потресуваат оваа автономна кинеска територија.

„Едно нешто е многу јасно. Без оглед на тоа што ќе се случува, Хонконг е дел од кинеската територија и специјален административен регион на Кина. Секој обид да се уништи или да им се наштети на стабилноста и на развојот на Хонгконг нема да има успех“, изјави Ванг Ји, министер за надворешни работи на Кина.

Кинеската влада рече дека ќе продолжи решително да ја поддржува хонгконшката лидерка, додавајќи дека Пекинг ќе се спротивстави на мешањето во внатрешните работи на Хонгконг од која и да било странска сила.

Изборите се оддржаа во екот на шестмесечните антивладини протести. Гласаа вкупно 2,94 милиони гласачи, што претставува 71,2 насто од вкупниот број регистрирани избирачи.

Јапонскиот премиер абе ја повика Кина да го сочува Хонгконг како слободен и отворен град, во момент кога полицијата ги продолжува судирите со демонстрантите во текот на протестите во оваа полуавтономна кинеска територија.

Ја нагласи „важноста на Хонгконг да му се дозволи да просперира според принципот една земја, два система“. На состанокот со кинескиот министер за надворешни работи Ванг Ји, потенцираше дека двете страни треба да направат повеќе за да го промовираат пријателството меѓу Кина и Јапонија.

Портпаролот на кинеското МНР повтори дека запирањето на насилството и враќањето на мирот сега се најитните задачи на Хонгконг.

Околу 1.000 демонстранти беа уапсени минатата недела во Хонгконг откако беа забарикадирани во зградата на политехничкиот универзитет, по што се судрија со полицијата.

Марина Ристова