Филип Фидановски ќе изложува во „Арт Хуб“
Делата што Фидановски ни ги прикажува на оваа изложба, посебно бистите од третиот циклус „Дијалози во боја“, се на некој начин автобиографски.

Изложбата „Трилогија, ликови – луѓе“ на Филип Фидановски ке биде отворена на 27 ноември во галерискиот простор на „Арт Хуб“ уметничкиот центар. Делата што Фидановски ни ги прикажува на оваа изложба, посебно бистите од третиот циклус „Дијалози во боја“, се на некој начин автобиографски.
Автобиографијата има привилигиран статус во хиерархијата на дискурсите кои потекнуваат од западно-европскиот свет, а идејата дека уметничкото дело е начинот на кој се исповедаат личните „вистини“ ја завзема централната позиција во модерната уметничка теорија. Во таа теорија, основниот однос на уметникот и делото, кое патем речено се раѓа во уметникот на еден мистериозен и таен начин, секогаш може да биде искажан со некоја математичка, опиплива форма.
Но, мајсторството на формата не е основната цел на Фидановски. Напротив, адаптирањето на истата за да може да се искаже нејзиното внатрешно значење е неговата идеја водилка. Оттаму, основните квалитети на фотографијата како апсолутен показател на реалноста и сета нејзина моќ на верно репродуцирање, посебно кога станува збор за портретот, овдека го губат својот примат.
Аплицирањето на нечие туѓо лице врз својата биста има исповедувачки модалитет во кој уметникот на делото му дава автобиографска димензија, а која гледачот мора сам да ја протолкува.
Фидановски е професор во ДСУЛУД Лазар Личеноски и актуелен претседател на ДЛУМ. магистрира на Националната уметничка академија во Софија. Од 1995 до денес учествува на многу групни изложби во Македонија, Србија, Бугарија, Хрватска, Чешка, Белгија, Египет, Италија... Учествува и на голем број на уметнички симпозиуми и колонии во Македонија и странство.