Расправа за буџетот за 2020-та

За власта буџетот реален и развоен, за опозцијата популистички

25.11.2019 15:12

Во матичната собраниска комисија за финансирање и буџет почна расправата за предлог- буџетот за наредната година. Владата предлага рекорден буџет од 3 милијарди и 615 милиони евра, при проектиран раст на БДП од 3,8 насто, и планиран дефицит во државната каса од 2,3 проценти. Опозицијата обвини дека државната каса е зголемена за 200 милиони евра, додека капиталните инвестиции се намалени за 43 милиони...

Претставуваме реален буџет кој ги лоцира приоритетите и ги алоцира парите на граѓаните онаму каде што ќе дадат најголеми резултати- министерката за финансии на првиот ден од расправата во матичната комисија. Посочи дека предлог- буџетот предвидува задржување на макроекономска стабилност, зголемување на конкурентноста на економијата и на вработеноста. Во 2020-та ќе инвестираме во подобро здравство, образование, социјална грижа и подобри услови за живот на сите граѓани, рече Ангеловска во експозето пред пратениците.

Ова не е развоен, туку социјален буџет, велат од ВМРО-ДПМНЕ. Ја жртвувате државата и економијата со многу задолжувања. Сѐ она што го ветивте, а не можевте да го остварите го правите сега предизборно, тврдат од опозициската партија.

Предлог- буџетот заслужува поддршка од пратениците, ќе донесе подобри услови за живот за сите во нашата држава, велат од СДСМ.

Од Демократската унија за интеграција посочуваат дека економските параметри говорат дека сме на добар пат во однос на економскиот развој.

За 2020-та се предвидува раст од 3,8 проценти, а стапката на инфлација се очекува да остане ниска, 1,7 проценти. Расправата во комисијата за финансирање и буџет ќе трае 10 дена.

 

Сунчица Николоска