Социјала

Трите деца вратени, се бара компромисно решение за Малиот групен дом во Визбегово

25.11.2019 15:19

Трите деца се вратени во малиот групен дом и продолжуваат со редовните активности откако вчера заради протестот на жителите во Визбегово беа префрлени на друга локација...

Откако викендов го поминаа на гости кај роднини и пријатели, трите деца од Малиот групен дом во Визбегово се вратија на редовните училишни активности и секојдневното живеење. Министерката Царовска уверува- засега нема закани по нивниот живот. Надлежните ги тргнаа од домот, бидејќи сакале да ги заштитат. Не биле сигурни какви зборови ќе слушнат од локалното население кое вчера протестираше.   

„Тие деца доволно долго во животот биле изложени на одредени негативни појави и однесувања од нивните семејства и заедниците, затоа сакавме да ги заштитиме. Дискусијата за дислокација на домот трае. Очекувам позитивен фидбек на населението, посебно што посебен дел го поддржува групниот дом и тоа го видовме од вчерашните настани, како и од првите соседи кои кажаа нешто сосема спротивно од групата. Групите имаат можност за различни мислења, но важно е мнозинството и тоа како ќе дојдеме до одредено компромисно решение“, изјави министерката Мила Царовска.

На протестот, дел од жителите посочија дека воспитувачките не се грижеле доволно за децата, излегувале доцна во ноќта и шетале низ населбата. Надлежните велат, малите групни домови не се од затворен тип, доколку некое дете ја напушти куќата, важно е каде било и за колку време ќе се врати. Службите се постојано со нив и ги контролираат.

По примерот на Тимјаник, надлежните уверуваат дека заедно со жителите на Визбегово ќе се бара компромисно решение за малиот групен дом. Не ја исклучуваат можноста и за негово дислоцирање.

Андријана Атанасовска