Навивачи прославуваа во културна установа

Осуда за инцидентот во МНТ, но и префрлање на одговорноста

25.11.2019 15:50

Министерството за култура и директорката на МНТ се правдаат – не биле информирани дека во петокот, во најголемиот театар во земјава ќе се одржи прослава на 30-от роденден на навивачката група „Шверцери“. Им било кажано дека ќе има проекција на документарен филм. И владата се оградува. Премиерот Заев го осуди вандалското однесување, повика одговорните да ја надоместат штетата. Навивачката група демантира дека „дивеела“ во објектот. Опозицијата бара оставки...

Осуда за инцидентот во МНТ, но и префрлање на одговорноста меѓу институциите. Во театарот било најавено дека ќе се одржи свечено одбележување на денот на албанската азбука и проекција на документарен филм, но како што стои во соопштението, до дирекцијата на МНТ воопшто не било најавено присуство на навивачката група „Шверцери“.

Директорката на театарот, Симона Угриновска со остра осуда на инцидентот. Вели дека Владата, односно Министерството за политички систем и односи меѓу заедниците ја организирало манифестацијата за Денот на албанската азбука, појаснувајќи дека воопшто не биле информирани дека се повикани навивачи на фудбалски клуб. Од владата очекуваат организаторот да ја надомести штетата во МНТ и да се извини на граѓаните за несоодветното однесување.

Коментирајќи го однесувањето на навивачката група „Шверцери“, која го оштети инвентарот во Македонскиот народен театар, министерот за образование и наука Арбр Адеми вели дека јубилеите може да се слават како што се сака, сѐ додека нема говор на омраза.

Целата македонска јавност е згрозена од вандализмот и поганењето на Македонскиот народен театар, велат од ВМРО-ДПМНЕ. Од партијата побараа одговорност и оставки од директорката на театарот и од првите луѓе во култура.

Дивеење се упадот и тепањето во Собранието на 27-ми април, а не прослава на навивачи кадешто се очекува скандирање и пеење, но не и вандализам и насилство, кое би го осудил секогаш, напиша на социјалните мрежи Артан Груби од ДУИ. Негира дека бил организатор на настанот, но како што вели, театарот му припаѓа на народот, а не на некоја политичка партија.

„Шверцерите“ негираат дека дивееле и дека упатувале навредливи зборови. Тврдат дека во МНТ влегле организирано и дека така и излегле. Направивме се да бидеме добри гости на и нашиот театар, се вели во соопштението од навивачката група на фудбалскиот клуб „Шкупи“.

 

Игор Панов