Жртви и повредени во серија земјотреси во Албанија
Расте бројот на загинати, над 300 повредени во силните земјотреси кои изутринава го погодија Драч. Во тек е акцијата на извлекување на луѓе заробени под урнатините. Неколку минути пред четири часот, со интензитет од 6,4 според Рихтер беше најасилниот од серијата потреси, кој беше почувствуван во целиот регион, и во нашата држава со јачина од три до пет степени...
Силен земјотрес со сила од 6,4 степени по Рихтер изутрината ја погоди Албанија, а потресот се почувствува во целиот регион. Оштетени се многу куќи и улици. Според информациите, најмалку седум луѓе загинале, но властите стравуваат дека бројката ќе се зголемува. Повеќе од 300 луѓе биле повредени.
Епицентарот на земјотресот бил меѓу пристаништето Драч и престолнината Тирана на длабочина од 10 километри. По тој земјотрес следувале уште неколку силни потреси, од кои последниот бил со јачина од 5,4 по Рихтер. Епицентарот бил во Јадранското Море на 27 километри од Драч.
Според албанскиот Институт за сеизмологија, во период од четири часа се регистрирани повеќе од 100 потреси.
Албанскиот премиер Еди Рама рече дека состојбата е драматична и дека целата држава е на нозе. Порача да се зачува смиреноста додавајќи дека властите ќе сторат се што е во нивна моќ за да се надмине оваа ситуација. И претседателот и лидерот на опозицијата пристигнаа во најпосетените места.
Министертвото за образование соопшти дека е откажана наставата во училиштата во Драч, Тирана и Лежа.
Аеродромот „Мајка Тереза“ во Тирана е затворен поради огромно оштетување на терминалот по земјотресот.
Најсилниот од серијата земјотреси бил почувствуван и во државава. Според Сеизмолошката опсерваторија при Природно-математичкиот факултет земјотресот бил почувствуван со интензитет од 5 степени според европската макросеизмичка скала во Охрид, Струга, Дебар, Гостивар, Тетово, 4 до 5 степени во Скопје, Кичево, Битола и со интензитет од 3 до 4 степени во источните делови на земјава.
Марина Ристова
