Надреализам и фантастика (рефлексии)- избор на дела од колекцијата на Националната галерија
Изложбата го истражува развојот и влијанијата на овие правци во современата македонска ликовна уметност преку избор на репрезентативни дела на македонските ликовни уметници кои се дел од колекцијата на Националната галерија.
На 20.11.2019 година (среда), со почеток во 20 часот, во објектот Мала станица, беше отворена групната тематска изложба со наслов „Надреализам и фантастика (рефлексии) - избор од колекцијата на Националната галерија“.
Изложбата го истражува развојот и влијанијата на овие правци во современата македонска ликовна уметност преку избор на репрезентативни дела на македонските ликовни уметници кои се дел од колекцијата на Националната галерија. Потребата да се претстават делата и авторите кои припаѓаат на овој правец и/или во кои се воочливи влијанија од истиот се должи на тоа дека само мал дел од нив се претставени во Постојаната поставка на Националната галерија на Македонија, изложена во Даут-пашиниот амам. Воедно, овој проект се надоврзува на претходните со различни теми кои произлегуваат од богатиот фундус на дела во сопственост на Галеријата, а се наоѓаат во депоата и се ретко изложувани. Со ваквото претставување пошироката јавност и публика имаат можност посеопфатно да се запознаат со овој период од развојот на современата македонска уметност.
На изложбата имаме можност да ги видиме најзначајни остварувања во доменот на надреализмот и фантастиката во осмата деценија во колекцијата на Националната галерија меѓу кои делата на Васко Ташковски, Спасе Куноски и Кирил Ефремов, а од другите автори се издвојуваат остварувања на Миле Корубин, Трајче Јанчевски, Милош Коџоман, Рубенс Корубин, Владимир Величковски, Иван Велков и др. Од скулпторите кај кои се евидентни овие тенденции се фантастичните етнолошко-митолошки композиции на Анета Светиева. Во колекцијата со остварувања од деветтата и десеттата деценија на XX век (и почетокот на ХХI век) се издвојуваат сликарите Владимир Георгиевски, Вана Урошевиќ, Илија Пенушлиски, Благоја Николовски, Атанас Ботев, графичарите Доне Миљановски, Дијана Томиќ Радевска, скулпторите Томе Аџиевски, Димче Димески и др.
