Османи: Дирекцијата за заштита и спасување испраќа 20 стручњаци и неколку возила во Албанија
Очигледно е дека потребата за помош од соседните земји е присутна, особено на едно место каде што сѐ уште се смета дека има луѓе под урнатините од зградите во катастрофалниот земјотрес, вели вицепремиерот Османи...
Владата е целосно подготвена за да даде помош за санирање на последиците од земјотресот во Албанија. Дирекцијата за заштита и спасување испраќа 20 стручњаци и неколку возила, вели вицепремиерот за евроинтеграции Османи.
„Очигледно е дека потребата за помош од соседните земји е присутна, особено на едно место каде што сѐ уште се смета дека има луѓе под урнатините од зградите во катастрофалниот земјотрес. Во координација со Дирекцијата за заштита и спасување, веќе се спремаат првите 20 специјалисти за вакви прашања и возила за ваква намена, да тргнат за местото Туман во Албанија. Подготвени сме да одговориме позитивно на сите барања кои албанската влада може да ги има“, нагласи вицепремиерот Бујар Османи.
Додава дека владата останува во блиска комуникација со албанските власти, сѐ со цел да се спасат повеќе животи од катастрофалниот земјотрес кој утрово се случи во соседната земја.
