Охрид

Земјотресот во Албанија ги вознемири охриѓани

26.11.2019 12:25

Најсилниот од серијата земјотреси во соседна Албанија беше почувствуван и во државава. Според Сеизмолошката опсерваторија при Природно- математичкиот факултет, земјотресот бил почувствуван со интензитет од 5 степени според европската макросеизмичка скала во Охрид, Струга, Дебар, Гостивар, Тетово, 4 до 5 степени во Скопје, Кичево, Битола и со интензитет од 3 до 4 степени во источните делови на земјава...

Рано утрото и охриѓани го почуствуваа силниот земјотрес, чиј епицентар беше во Драч, Албанија. Мал дел од граѓаните вознемирени од силниот потрес ги напуштија домовите, додека оние коишто останаа во своите станови и куќи, минаа уште една непроспиена ноќ, бидејќи до седум часот утрото, иако со помал интензитет, тлото повремено се тресеше.

Силината на потресот ги врати охриѓани во 2017-тата година кога во охридскиот регион имаше над 1.300 земјотреси, кои придонесоа голем број од граѓаните да спијат на отворено.

Од Центарот за управување со кризи, што го опфаќа југозападниот дел од нашата земја,информираа дека земјотресот во Охрид, Струга и Дебар бил почуствуван со јачина од пет степени според европската макросеизмичка скала, а во Кичево со четири.

До моментот на подготвување на овој извештај до Центарот за управување со кризи, нема дојави од граѓани за оштетени објекти во овој регион.

 

Сашо Нелоски