Во Албанија испратени тимови за спасување
Помош пристигнува од сите страни. Тимови за спасување од Охридско- струшкиот регион се упатија во Албанија. Земјава е подготвена да ја понуди неопходната помош – порача Владата. Сочувство до семејствата од државниот врв, политичките партии, граѓаните...

Тимови за спасување од Охридско- струшкиот регион рано изутрината тргнаа за Албанија. Лекарските тимови ќе добијат инструкции како да делуваат, вели премиерот Заев. По комуникација со институциите на Албанија, земјава е подготвена да ја понуди неопходната помош и поддршка.
„Под координација на двајцата подпретседатели на Владата, Османи и Спасовски, се организираме комплетно. Вклучена е и дирекцијата за заштита и спасување. Коминикацијата оди и преку министерот за надворешни работи, мојот кабинет, а амбасадорот на Албанија помага да ги согледаме сите потреби за пријателска Албанија. Уште еднаш сакам да изразам сочувство за жртвите“, изјави премиерот Зоран Заев.
Градоначлникот на Скопје, Шилегов објави дека ќе биде упатена специјална екипа опремена со термални дронови за пребарување на преживеаните.
Претходно и вицепремиерот Османи најави дека прва точка на Владата ќе биде помошта за Албанија. За пат се подготвува и тим од Дирекцијата за заштита и спасување.
„Во координација со Дирекцијата за заштита и спасување, веќе се спремаат првите 20 специјалисти за вакви прашања и возила за ваква намена, да тргнат за местото Туман во Албанија. Подготвени сме да одговориме позитивно на сите барања кои албанската влада може да ги има во текот на денешниот ден. Ќе бидеме во блиска комуникација со албанските власти за промптно да реагираме и да спасиме што повеќе животи“, нагласи вицепремиерот Бујар Османи.
Сочувство за семејствата на настраданите упати претседателот Пендаровски кој телефонски разговарал со претседателот на Албанија, Мета.
„Во овие тажни моменти за Вас, за граѓаните на Вашата земја и семејствата на жртвите, повредените и оние кои останаа без своите домови, дозволете ми, од името на граѓаните на Република Северна Македонија и од мое лично име да Ви упатам изрази на длабоко и искрено сочуство“- стои во телеграмата на претседателот Пендаровски.
Помош за Алабанија доаѓа како и најблискит соеди така и од земјите од Европката Унија и од САД.
Дијана Ценевска
