Десетици загинати и стотици повредени во земјотресот во Албанија
Десетици загинати и стотици повредени во силниот земјотрес од 6,4 степени според Рихтер во Туман и Драч. Сѐ уште се извлекуваат тела и се спасуваат жители од под урнатите станбени објекти. Состојбата е драматична- изјави албанскиот премиер Рама. Повика на смиреност. Тлото сѐ уште се тресе...

Силен земјотрес со сила од 6,4 степени по Рихтер изутрината ја погоди Албанија, а потресот се почувствува во целиот регион. Бројот на жртви се зголемува. Според последните информации над десет луѓе загинале, стотици се повредени.
„Болничките извештаи покажуваат дека расте бројот на повредени. Повеќето од повредените се со фрактури, но има и со полесни повреди. Има и такви кои што дојдоа поради претрпен стрес и страв. Ние сме во комплетен состав и ги засилуваме тимовите за да може соодветно да одговориме со соодветен третман на сите кои што доаѓаат од погодените подрачја. Отворивме и нови центри во тирана за да се третираат повредените. Испраќаме апел до граѓаните коишто имаат полесни повреди да се обратат до здравствените центри за микрохирургрија, додека потешките случаи ќе се третираат во сите болници. Националниот здравствен систем се зајакнува со амбулантни возила за да може да ги преземат повредените од драч и од останатите местa“, изјави лекар во ургентен центар.
Албанскиот премиер Еди Рама рече дека состојбата е драматична и дека целата држава е на нозе. Порача да се зачува смиреноста додавајќи дека властите ќе сторат се што е во нивна моќ за да се надмине оваа ситуација. И претседателот и лидерот на опозицијата пристигнаа во најпогодените места.
„Има многу тешко повредени лица и многу е значајно да се евидентираат сите згради и објекти коишто се урнале, за да се утврди дали има граѓани на коишто им е потребна помош. Сакам да им се заблагодарам на вработените во болницата кои се соочуваат со голем број повредени, но сепак се во полна готовност и пружаат вонредни напори за да ги истретираат сите. Се надевам сите ќе бидеме на ниво на нашата задача имајќи предвид дека цела албанија е во шок. Мојот кабинет беше во постојан контакт со центарот за итни случаи на Министерство за одбрана. Знаете дека и претходно честопати предупредував дека постои ризик Албанија да биде погодена од сериозни земјотреси. Сега е најважно да сме присутни онаму во најпогодените зони каде што има и урнати објекти, згради и што побрзо да утврдиме дали таму има настрадани, повредени или жртви“, изјави претседателот Илир Мета.
Во тек се спасувачки операции, во обид да се извлечат затрупаните од под урнатините. Во операциите се вклучени над илјада припадници на полицијата, како и пожарникарските служби и војската. Предизвикана е и голема материјална штета, оштетени се многу куќи и улици. Аеродромот „Мајка Тереза“ во тирана е затворен поради огромно оштетување на терминалот по земјотресот. Министертвото за образование соопшти дека е откажана наставата во училиштата во Драч, Тирана и Лежа. Помош пристигнува од многу земји.
Епицентарот на земјотресот бил меѓу пристаништето Драч и престолнината Тирана на длабочина од 10 километри. По тој земјотрес следувале уште неколку силни потреси, од кои последниот бил со јачина од 5,4 по Рихтер. Епицентарот бил во Јадранското Море на 27 километри од Драч.
Според албанскиот Институт за сеизмологија, во период од четири часа се регистрирани повеќе од 100 потреси. Ова е втор земјотрес што ја погоди Албанија за нешто повеќе од два месеци.
Марина Ристова
