Регион

Расте бројот на настрадани во земјотресот во Албанија

27.11.2019 10:09

Расте бројот на загинати во вчерашниот земјотрес во Албанија. Бројни спасувачки екипи од повеќе земји бараат затрупани под урнатините, и за жал досега се откриени 25 загинати. Македонската влада издвои првични 6 милиони денари помош, испрати спасувачки екипи со потребната опрема, како и градежни машини за расчистување на урнатите објекти...

Расте бројот на загинати во страотниот земјотрес што ја погоди Албанија. Најновите податоци говорат за 25 жртви, повредени се 650 граѓани, а 45-мина биле спасени. Повредите се во главно поради уривање на ѕидови и покриви.

Потресите од кој насилниот беше со јачина од 6,4 степени по Рихтер, урнаа голем број станбени згради и еден хотел во Драч кадешто беа регистрирани и првите жртви.

Во земјата е прогласен ден на жалост. Спасувачките екипи ја продолжуваат потрагата по преживеани и покрај постојаното тресење на тлото. Успеаја да спасат 17- годишно момче кое преку мобилен телефон од урнатините ги контрактирало спасувачите, а тие успешно го лоцирале во урнатините во Драч.

Вчера околу 19 часот биле регистирани два посилни потреси со интензитет од 4,7 степени по Рихтер, поради што голем број жители ноќта ја минаа во шатори.

„Се плашевме дека ќе има уште еден земјотрес, па затоа решивме со семејството да ја поминеме ноќта надвор, на отворено заедно со уште многу луѓе“, изјави вработен во хотел.

Најголеми последици од земјотресот со јачина од 6,4 степени е во местото Тумане, 30 километри северно од Тирана, и во Драч.

Премиерот Еди Рама рече дека институциите ќе сторат сѐ за да ги извлечат сите лица за кои се верува дека се сѐ уште под урнатините. Повика на смиреност и рече дека е убеден дека албанците ќе ја надминат оваа катастрофа.

Владата на хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ испрати армиски хеликоптер во Албанија, заедно со специјален спасувачки тим и кучиња- трагачи.

И Турција испрати транспортен авион од типот А400м на турските вооружени сили, подготвен со координација на управата за вонредни ситуации во Турција.

Марина Ристова