Меѓународен ден за воздржување од купување

27.11.2019 11:20

Денеска за промена почестете се себе си со тоа што нема да купувате ништо. Ќе бидете послободни и ќе заштедите и време и пари. Зошто баш денеска – затоа што е меѓународен ден за воздржување од купување. Идејата за негово воведување или востановување еда и се привлече внимание на јавноста на негативните последици од потрошувачкото општество.

Секако во денешно време, барем во градовите, не се произведува ништо од храна и облека па мора да купуваме сѐ. Колку и да ни е лош стандардот купуваме и тоа што ни треба и што не ни треба, особено ако е на акција. Потоа гледаме дека воопшто не ни е потребно . Тоа го прават рекламите, убаво спакуваните производи, но и длабоката психолошка потреба со купувањето на непотребни работи да се надоместува некоја внатрешна емоција, некоја празнина, потреба или страв од недостаток на нешто. Психологијата и емоциите се во улога на поттикнувачи за купување и продавање.

Наспроти секој купувач стои вешт продавач кој ги чита расположението на клиентот и се закачува на понестабилните луѓе кои не се сигурни што сакаат, а убедителната моќ на продавачот е пресудна во моментот. Психологијата најчесто е таа која на продавачите им носи добри резултати, а тие пак нив ги прават силни мотивирани личности. Психологијата дава одговор зошто луѓето купуваат одреден производ, кои емоции биле пресудни. Кои се очекуваните задоволства од купеното, што сакаме со тоа да постигнеме кај себе си или кај другите. Дали со купувањето сакаме да задржиме нечие внимание да ни биде благодарен и посветен, дали имаме недостиг на одредени емоции на празнина која на овој начин ја исполнуваме. Дали сме се запрашале зошто купуваме сѐ и сешто, што е она што се крие длабоко во нас.

Од друга страна пак моќта на убаво дизајнираните работи, или ниската цена во даден момент не убедуваат дека мора да го имаме тој производ или услуга без некоја посебна причина. Ништо не е случајно зашто поголемиот дел од времето несвесно реагираме на дразби , на брендираните  производи им прикачуваме и други вредности со кои нашата важност ќе се зголеми. Едноставно кажано квалитетот  е едно, а перцепцијата за квалитетот нешто сосема друго. Довербата игра една од важните улоги  во играта понуда- побарувачка или продавач- купувач. Се отвара простор за таргетирање потрошувачки групи зад кое стои психологија на личноста според возраста, зрелоста, помодарството, вистинската потреба или егзистенцијалната неопходност.

Во денешните трговски центри ништо не е случајно почнувајќи од насоката на движење на купувачот низ просторот и распоредот на производи на полиците , па до привлечниот мирис на печива, дегустациски делови, попусти, подароци како награда за одреден купен производ. Тоа е цела стратегија  за привлекување клиенти. 

Според некои истражувања, за  носењето одлука за купување, во 86% од случаите се заслужни емоциите, а  само 14%  се рационални елементи. Но сепак ова варира во различни  ситуција. На пример ако пазари гладен човек во супермаркет ќе купи многу повеќе производи отколку кога е сит. Незадоволна и тажна жена ќе потроши многу пари за парфеми, шминки, гардероба која условно кажано ќе и ја врати разнишаната самодоверба и ќе направи за момент да се почувствува добро.

Некогаш купуваме нешто само затоа што ни се допаѓа, а потоа бараме рационално оправдување за непромислената одлука , особено ако е производот е скап. Ајде барем денска размислете за своите вистински потреби наспроти желбите и наметнатите понуди. Ако не излезете низ трговските центри нема да паднете во искушение, освен ако не се поведете по  купување преку интернет. Овој и уште наредните три дена кои ги одбележува поголемиот дел од светот, се прилика да размислите и покрај бомбардирањето со реклами преку сите можни медиуми  за неверојатни попусти, дали навистина ви е потребно и што би било ако оделеете на понудата и се победите себе си.

Соња Стојановска