Регион

Албанија: Најмалку 29 мртви, над 650 повредени- продолжува потрагата по преживеаните

27.11.2019 12:45

Бројот на загинати во вчерашниот земјотрес во Албанија достигна 29. Повредени биле 650 лица, а во болниците биле задржани на натамошно лекување 65 потешко повредени. Спасувачките екипи ја продолжуваат потрагата по преживеаните под урнатините...

Расте бројот на загинати во страотниот земјотрес што ја погоди Албанија. Десетици се загинати, а повредени се 650 граѓани, а над 40 биле спасени под урнатините. Повредите се главно поради уривање на ѕидови и кровови. Спасувачките екипи ја продолжуваат потрагата по преживеани и покрај постојаното тресење на тлото.

Вчера околу 19 часот биле регистирани два посилни потреси со интензитет од 4,7 степени по Рихтер, поради што голем број жители ја минаа ноќта во шатори.

„Ноќта беше страшна. Имаше уште еден земјотрес околу 4 часот изутрината. Истрчавме надвор и останавме тука до сабајле“, вели жител на Драч.

„Се плашевме дека ќе има уште еден земјотрес, па затоа решивме со семејството да ја поминеме ноќта надвор, на отворено заедно со уште многу луѓе.“

Премиерот Еди Рама рече дека институциите ќе сторат сé за да ги извлечат сите лица за кои се верува дека сѐ уште се под урнатините. Повика на смиреност и рече дека е убеден оти албанците ќе ја надминат оваа катастрофа. Во земјата се прогласени Ден на жалост и вонредна состојба во Тирана и Драч.

Катастрофалниот земјотрес ја погоди Албанија два дена пред државниот празник - Денот на албанското знаме. Рама истакна дека овојпат 28 ноември не може да биде празник, туку ден на национална солидарност.

„Со оглед на обемот на трагедијата, би сакале да прогласиме тридневна жалост. На овие денови би требало да гледаме како денови на национална солидарност, кога со почит на минатото, сите да дадат придонес за да им помогнат на загрозените“, рече премиерот Рама.

Најуништени се постарите згради, додека повеќето од новите градби поминале без поголеми оштетувања.

Во меѓувреме продолжува да се тресе тлото во балканскиот регион. Силен земјотрес со јачина од 6 степени според Рихтер изутрината ја погоди Грција. Епицентарот бил во близина до островот Крит, на длабочина од околу 56 километри.

 

Марина Ристова