Смеењето како лек

27.11.2019 14:40

Заразно, ама не и опасно, наместо болест предизвикува здравје на телото и на душата, ги поврзува луѓето и создава чувство на блискост. На сите ни е достапно, се дели бесплатно и секој од нас го има. Секој го разбира и лесно го користи. Со овој природен лек не може да се претера , нема нус појави и контраиндикации...Претпоставувате се работи за смеењето за насмевките кои се чудо за зајакнување на имунолошкиот систем. Дава енергија и намалува болка, а има уште многу благодети за здравјето.

Смеењето е природно решение и одговор за многу здравствени прашања. Неговата примена и ефектите почнале да се истражуваат во 60-тите години на минатиот век. Денеска веќе е потврдено дека ништо не делува побрзо на организмот како добра доза смеење, создавајќи рамнотежа меѓу духот и телото.

 Алтернативната медицина го користи веќе со милениуми, но, неговата лековита моќ ја докажуваат многубројните  истражувања во психологијата и во медицината. Смеењето како невидлив помошник успева да ги намали грижите, стравовите, тешкотиите, поттикнува позитивен начин на размислување и создава надеж. Притоа го лечи телото. А еве што се случува во организмот додека се смееме.

1. Го опушта телото и го заштитува од последиците на стресот и напнатоста. Мускулите остануваат опуштени и по 45 минути откако сте престанале да се смеете.

2. Го јакне имунитетот  така што го намалува нивото на кортизолот односно-хормонот на стресот кој го лачат надбубрежните жлезди. Тој е најголемиот виновник за ослабениот имунитет и бројните други тегоби. Кога се смеете се зголемува бројот на клетките кои се задолжени за јакнење на имунитетот и бројот на антителата задолжени за борба со инфекциите . Резултатите се подготвеност на организмот за нови здравствени предизвици.   

3. Смеењето го отпушта хормонот на среќата ендорфин. Освен што е задолжено за добро расположение, лачењето на ендорфинот ќе ви осигура барем некое време чувство сѐ е во ред дека со вас и со светот.

4. Ја подобрува работата на срцето и на крвните садови,  ја поттикнува циркулацијата, го намалува притисокот и така служи како добра превентива од многу болести.

5. Смеењето е лек за лошо расположение и депресија. Кога се смеете автоматски подобро се чувствувате. Тоа чувство останува подолго од самиот чин на смеењето  и така полесно се задржува позитивниот став кон животот. Смеењето е лек за тагата, за болката, за чувството за беспомошност и самосожалување. Смеењето е знак за надеж, за универзална порака за поддршка од сите околу нас и кога ви е најтешко. Ги елиминира негативните чувства зашто не може истовремено искрено да се смеете кога имате тескоба. Таа природна батерија на добра енергија ќе ви осигури добра концентрација, полесно совладување на задачите и помага подолго да бидете фокусирани на она што ви е битно. Смеењето помага да ги промените животната перспектива и погледот  на свет и прави да ги видите работите во ново светло. Сликата е значително пореална и со помалку опасности и грижи кои биле само во вашите мисли. И работните и животните неуспеси не изгледаат толку страшни кога сѐ се гледа низ призмата на смеење и радост.  Смеењето е добредојдено во секое друштво. Хуморот и опуштеноста се формула за подобра комуникација, поврзаност меѓу луѓето и го зголемува квалитетот на дружењето.

Според истражувањата  смеењето е заразно,  многу позаразно од зевањето,  зашто мозокот, ако го слуша во околината, на него  одговара автоматски. Дали ви се случило кога сте сами и кога ќе се сетите на нешто смешно ви доаѓа да прснете од смеење иако сте во полн автобус или на важен состанок. Психолозите велат не се воздржувајте, насмејте се, а тоа ќе премине и на дугите кои не ја знаат причината за вашето смеење. И не грижете се, нормални сте. Истражувањата велат дека смеењето е 30 пати позаразно  и невозможно е да му одолеете кога сте опкружени со луѓе, отколку кога сте сами, на пример кога читате или гледате нешто смешно. Со хумор и насмевки полесно се совладуваат и конфликтите во семејството, на работа и во друштво. Поттикнува тимска работа , ги разбива стереотипите и непријатностите .

Многумина, оптоварени со животните проблеми, забораваат да се смеат, не гледаат излез, но дајте си задача да им се насмевнете на сите околу вас, шегувајте се на своја сметка , не доживувајте сѐ така сериозно. Животот е убав и многу поедноставен отколку што ви се чини само ако го погледнете со други очи. Додавајте доза радост и смеење во сѐ, направете си потсетници за смеење. Учете од децата кои искрено се смеат, живеат во моментот, неоптоварени со минатото и со иднината. Најдете илјада и еден начин да си го разубавите денот и животот.

Соња Стојановска