Засилени контроли за спречување на аерозагадувањето, изречени повеќе мерки и глоби

28.11.2019 10:52

Комбинираните тимови од инспектори и припадници на МВР изрекоа повеќе мерки и глоби при спроведување на засилените контроли за спречување на аерозагадувањето...

Изречени се повеќе глоби и забрани за утврдени инциденти и активности кои значително влијаеле на загадувањето на воздухот и животната средина во повеќе општини минатата недела, во рамки на активното спроведување на мерките за намалување на аерозагадувањето предвидени во Програмата и Планот за чист воздух.

Инспекторатот на Град Скопје по реакција на граѓани, излегува на терен заедно со акредитирана лабораторија, спроведува вонреден инспекциски надзор и мерење на граничните вредности од стационарниот емитер.

Како што соопштуваат од Владата, биле извршени вонредни инспекциски надзори во правни субјекти, обиколки на површини и диви депонии, како и контрола на начинот на кој се загреваат субјектите во повеќе општини низ земјата.

Во општина Велес, при надзор на инсталациите и објектите кои подлежат на Б-дозволи и eлаборати, беа изречени неколку мерки, меѓу кои спогодување за плаќање на глоба во износ од 50.000 евра на прехранбената индустрија „Благој Ѓорев“ АД Велес.

Во дел од општините беа издадени известувања до правните субјекти да се придржуваат до наведените мерки од нивните Елаборати за заштита на животната средина, иако не беа констатирани видливи траги на загадување на воздухот.