Ирак: Убиени демонстранти, запален иранскиот конзулат

28.11.2019 13:11

Медиумите јавија дека десетици демонстранти биле повредени. Безбедносните сили пукале во демонстрантите кои се собрале на мостот насирија пред зори.

14 демонстранти загинаа во областа Насирија, на југот од Ирак. Безбедносните сили отворија оган за да ги растераат учесниците во протестите. Медиумите јавија дека десетици демонстранти биле повредени. Безбедносните сили пукале во демонстрантите кои се собрале на мостот насирија пред зори.

„Ветуваме дека нема да бидеме безгласни“- вели еден демонстрант.

Истовремено во Наџаф е воведен полициски час откако демонстрантите го запалиле конзулатот на Иран.

Во светиот шиитски град е убиен еден демонстрант, а најмалку 35 луѓе биле повредени кога полицијата испукала боева муниција за да ги спречи да влезат во конзулатот.

Демонстрантите го искинале иранското знаме и го замениле со ирачкото. Вработените во конзулатот успеале неповредени да ја напуштат зградата.

„Би сакал да кажам дека улиците се отворени и дека сите би требало да се појават на работните места“, изјави генерал Али Мешари, командант во ирачката војска.

Портпаролот на иранското министерство за надворешни работи Абас Мусави го осуди нападот врз иранскиот конзулат и побара одлучна, ефикасна и одговорна акција против одговорните за палењето на објектот.

Багдад и поголемиот дел од јужен Ирак каде што претежно живее шиитско население од 1 октомври ги тресат протести.

Демонстрантите ја обвинуваат владата за корупција и го истакнуваат своето незадоволство поради лошите услуги на јавните служби и високата невработеност.

 

Марина Ристова