Фудбал

Летонија на Филип Втори Македонски

05.03.2014 12:07

Во Македонија Летонија доаѓа по квалификациското октомвриско реми со Словачка 2-2 и ноемврискиот пријателски пораз од Република Ирска со 0-3.

Да нема дилеми, не е Литванија, може Латвија , а дефинитивно Летонија е репрезентацијата со која македонската фудбалска селекција веруваме ќе отвори ново поглавје во репрезентативниот фудбал. Станува збор за држава која се наоѓа на север на источните брегови на балтичкото море, граничи со Естонија, Литванија,Русија и Белорусија, на 65 илјади квадратни километри живеат околу 2 и пол милиони  со главен град Рига со 700.000 жители. Се плаќа со Лати, а се зборува Летонски и Руски.

Се игра и фудбал и тоа одамна. Првиот официјален натпревар Летонската фудбалска репрезентација го одиграла во 1922-та година против соседот Естонија и ремизирала 1-1. 11 пати Летонија го освојувала Балтичкиот куп и до пред втората светска војна одиграла вкупно 99 официјални натпревари.

Во 1938-та за прв пат Летонија игра квалификации за светското првенство во 38-та и слави две победи, 4-2 дома  и 5-1 на гости над Литванија,но со 2-1 го губи решавачкиот натпревар против Австрија. Без оглед што предвоена Австрија не настапила на светското, Летонија не е поканета за настап како второпласирана во групата. 66 години чекаа за настап на големо натпреварување иако 50-тина од нив беа дел од Советскиот сојуз се до 1991-та. Одново против Естонија одиграа натпревар како самостојна држава , но првиот официјален по приемот во ФИФА го загубија од Романија во Букурешт со 2-0.

Во Септември 2003-тата ја изненадија Европа. Завршија втори во квалификациската група зад Полска и се квалификуваа за бараж-двомечите за настап на Европското во Португалија. Со голот на најдобриот стрелец во репрезентативната историја Верпаковскис ја победија Турција дома, а ремито на гости 2-2 им беше доволно за историски евро-настап. Во група со Чешка,Холандија и Германија го освоија последното место, но барем запишаа бод по ремито без голови против Германија. Оттогаш серија безуспешни обиди за настап на голема манифестација. Во квалификациите за светското во Бразил беа подобри само од Лихтенштајн во група уште со Босна,Грција,Словачка и Литванија, со победа и нерешено со Лихтенштајн , труимф над Литванија и рами со Словачка.

Во Македонија Летонија доаѓа по квалификациското октомвриско реми со Словачка 2-2 и ноемврискиот пријателски пораз од Република Ирска со 0-3.

Неофицијално на арената Филип втори Летонците ќе го одиграат 332-от натпревар, а досега забележале 102 победи,156 порази и 73 нерешени исходи со гол разлика 414-555.

Најредовни муштерии им се Естонците , ги победиле 24 пати на 51 натпревар и Литванците кои ги совладале 25 пати на 49 средби, а учеле по потешкиот пат најчесто од Шведска од која загубиле 11 пати на 17 натпревари.

На ФИФА  листата се на 111-тото место, далеку зад најдобриот нивни ранкинг во 2009-тата кога беа 45-ти и блиску до најлошиот 119-ти во Јуни минатата година.  Во Македонија се за прв пат. Велат со респект, но и сo голема желба за победа, за враќање на старите патеки за втор пласман на европско првенство. Ждрепката одново ги спои со Холандија,Чешка и Турција како и со полошо рангираните од нив Исланд и Казакстан.