Потпишан договор за фотонапонска електрана „Осломеј“
Турска компанија ќе гради фотонапонска централа во кичевски „Осломеј“. Инвестицијата од 7 милиони евра ќе донесе производство на електрична енергија од обновливи извори. Првите количества ќе протечат наесен в година. Планирани се и нови тендери.
Термоелектраната „Осломеј“ ќе произведува чиста енергија. Потпишан е договор со турската компанија „Гиришим Електрик“, која победи на меѓународниот тендер за изградба на фотонапонска централа со инсталирана моќност од 10 мегавати. Првите количества струја се очекува да протечат наесен в година. Инвестицијата изнесува 7 милиони евра, од кои речиси 6 милиони се заем од Европската банка за обнова и развој.
„Ние не сакаме да застанеме овде, сакаме да ја гледаме Северна Македонија како можност за повеќе иницијативи и повеќе инвестиции“, изјави Мухимин Бехиџ Харманли, претседател на Одбор на директори на „Гиришим Електрик“.
„Интерес пројавија 17 компании, 8 влегоа во потесниот избор како компании кои ги исполнија првичните критериуми, а по евалуацијата за техничките и комерцијалните аспекти ја избравме „Гиришим Електрик“ од Турција“, изјави Васко Ковачевски, директор на ЕСМ.
Наскоро ќе се распише тендер за уште 10 мегавати во „Осломеј“, а се планирани и јавни-приватни партнерства од по 50 мегавати.
„Десетте дополнителни мегавати и овие десет ќе бидат инвестиција на ЕСМ, а тендерот за јавно-приватно партнерство ќе биде за два проекта од по 50 мегавати. Тие ќе бидат на местото на стариот рудник, ќе се искористи земјиштето и ќе се направи рекултивизација на теренот. Во изминативе години беа направени само 18 мегавати фотоволтаици, а овие 10 мегавати се 50% од она што досега било направено“, рече Кочо Анѓушев, вицепремиер за економски прашања.
Проектите ќе резултираат со зголемено производството на електрична енергија, а надлежните очекуваат да се стигне до проектираните 350 мегавати, добиени од обновливи извори.
„ТЕЦ „Осломеј“ речиси и да не работеше изминативе години, а ние во експлаторното поле, каде е исцрпена рудата од јаглен почнуваме со инвестиции во интерес на енергетскиот сектор и на сите граѓани на Кичево и околината“, вели Крешник Бектеши, министер за економија.
Своевремено „Осломеј“ учествуваше со околу 10 проценти во вкупното домашно производство на струја.
Мартин Пушевски
