Одбрана

До Самитот во Лондон ќе имаме амбасадор и воен претставник во НАТО

28.11.2019 14:36

До Самитот во Лондон ќе бидат соопштени имињата на македонските дипломатски преставници во НАТО. Од следната недела земјава седнува на лидерската маса на Северноатланската алијанса- велат надлежните. Во МНР е подготвен нацрт- закон за верификација на полноправното членство. Продолжувањето на реформите ќе зависи од законите во Собранието- посочуваат од одбрана...

Последните две години се направени клучни напори за полноправно приклучување кон НАТО и на лондонскиот самит, македонската делегација за првпат, предводена од премиерот Заев, рамноправно ќе разговара со другите лидери на Алијансата. За полковник Јанкович, воено-политичкиот претставник во земјава, сегашниот ангажман се однесува на преструктуирањето на Министерствата за одбрана и за надворешни, како и на Армијата за целосна подготвеност за членство.

„Досега можевте да присуствувате на состаноците на министерско ниво, следната недела ќе имате шанса да седнете на масата со другите лидери и тоа е навистина многу важен знак на вашата посветеност и за напорите што ги направивте последните две години. И вие со другите земји ќе разговарате за безбедносните предизвици“, изјави полковник Зоран Јанкович, шеф на Мисијата на НАТО во Скопје.

Тешката работа не завршува со членството, но сега ќе биде поддржана од 29 членки, најави вицепремиерката Шеќеринска. НАТО е платформа за соработка и со европските сојузници. Многу е важно да се дефинира правната основа за меѓусебната помош во НАТО доколку биде неопходно, вели министерката за одбрана.

„Продолжувањето на реформите во делот на одбраната се разбира дека ќе зависи многу и од законите кои денеска ни се во Собрание. Очекувам до крајот на годината и Законот за одбрана и Законот за служба да бидат потврдени. Принципот Еден за сите и сите за еден, кој нам како мала држава ни е многу важен, можеме да го активираме ако го напишеме во нашите закони“, нагласи министерката за одбрана, Шеќеринска.

Во тек се последните комуникации во државниот врв за наш амбасадор во Алијансата, дополнува министерот за надворешни Димитров, кој се надева дека назначувањето ќе биде договорено од политичките чинители во пресрет на Лондон.

„Ќе биде исклучително лош сигнал ако полноправното членство го дочекаме со вршител на должност. Таа работа мора да ја завшриме овие денови. Одговорноста на сите политички чинители е голема во таа смисла. Се разбира дека ќе ја завршиме таа работа, многу поголеми планини изодевме за да стигнеме до тука“, изјави шефот на дипломатијата Димитров.

Шефот на македонската дипломатија очекува дека на претстојниот лидерски самит во Лондон ќе има параграф во завршната декларација за македонското добредојде кое е потврдено од 28 држави за 10 месеци.

Зоран Богатинов