Земјотрес

Донации за настраданите во Албанија: Потребни се финансиски средства, ќебиња, конзервирана храна

28.11.2019 14:53

Нови земјотреси го тресат тлото на Албанија. Спасувачките екипи сѐ уште трагаат по изчезнати во урнатините по разорониот земјотрес кој пред два дена ја погоди околината на Драч. Расте бројот на жртви, има и повеќе од 650 повредени. Помош пристигнува од сите страни. Најмногу се потребни финансиски средства, ќебиња, душеци, конзервирани прехранбени продукти. Може да се донира на три пункта во Скопје, Тетово и Гостивар. Од Црвениот крест отворена е посебна жиро сметка за солидарност...

Трет ден спасувачките екипи ги пребаруваат урнатините во Драч во потрага по преживеани. Расте бројот на жртви, извадени се телата на 40 загинати. Околу 650 се повредени. Не е познат бројот на исчезнати. По земјотресот од 6,4 степени по Рихтер, тлото на Албанија постојано се тресе. Граѓаните стравуваат од нови потреси. Околу две илјади луѓе чии домови беа уништени и втора ноќ минаа во шатори. Помош пристигнува од сите страни.

Црвениот крст на Македонија со апел до граѓаните да донираат за соседите. На погодените најмногу им се потребни парични средства за можат да го вратат животот во нормала. Може да се донира конзервирана и бебешка храна, душеци, ќебиња, средства за хигиена.

„Во овој момент во Албанија има многу материјална помош која е доставена веќе претставува проблем за понатамошно менаџирање. Целта во вакви ситуации не е по секоја цена да направиме нешто, целта е по секоја цена да направиме нешто што може да биде од корист и да им помогне на луѓето. А, тоа што може да им помогне на луѓето тоа се паричните средства кои преку Црвениот крст на Албанија, директно би дошле во рацете на тие што најмногу им се потребни. Многу е важен процесот на рехабилитација, на враќање во нормален живот“, изјави Саит Саити, Генерален секретар на Црвениот крст.

Досега со мобилните оператори на сметката на Црвениот крст се донирани околу 40 илјади евра, а е отворена и сметка за солидарност. Мобилизирани се и стопанствениците, отворени се три пункта во Скопје, Тетово и Гостивар каде може да се донира.

„Само за првите 24 часа се собрани донации од над 100.000 евра. Тоа значи дека донациите продолжуваат и се надеваме дека тие ќе завршат во вистинските раце“, изјави Неби Хоџа, претседател на Стопанската комора на Северозападна Македонија.

Скопје е град на солидарноста да бидеме солидарни, порача заменик- градоначалникот.

„Без разлика дали ќе направите донаторски пункт во вашите претпријатија или компании како што ние правиме денеска или ќе се организирате на друг начин, верувајте хуманоста е таа која не прави човечни, не зближува и ни ветува подобра иднина“, изјави Енвер Малиќи, заменик- градоначалник на Скопје.

Во изминатите два дена,тимови за заштита и спасување им помагаа на локалните власти во спасувачките акции.

 

Андријана Атанасовска