ДРЖАВЕН ЗАВОД ЗА РЕВИЗИЈА

Вработените итно бараат избор на главен државен ревизор

28.11.2019 18:03

Според Мијалче Дургутов неизборот на главен државен ревизор би го довело во прашање и спроведувањето на парламентарните избори затоа што заводот не би можел да врши ревизија на партиските трошења во изборната кампања.

Доколку набрзо не се избере главен државен ревизор, де факто се доведува во прашање законското функционирање на Државниот завод за ревизија и ќе престане да работи, порачаа вработените во оваа институција која година и 11 месеци функционира без  директор, а во меѓувреме истекол и мандатот на неговиот заменик. 

Според Мијалче Дургутов неизборот на главен државен ревизор би го довело во прашање и спроведувањето на парламентарните избори затоа што заводот не би можел да врши ревизија на партиските трошења во изборната кампања.

„Сите ревизорски извештаи  што се направени после 4 октомври и на кои им завршува ревизорската фаза на конечност не можат да бидат доставени до субјектите без да бидат потпишани од одговорно лице.Не можат да бидат доставени ниту до надлежните институции кои што ги информираме: Собранието, Владата и другите тела, ниту пак тие извештаи можеме да ги направиме да бидат транспарентни за јавноста“, изјави Мијалче Дургутов- Ревизор задолжен за информирање во ДЗР.

На средбата во Законодавниот дом вработените добиле ветување од претседателот на парламентарната комисија дека ќе свика седница кога ќе почувствува дека има договор меѓу партиите околу изборот. Тие доставиле  предлог за измена на законот за државна ревизија со што би можело да биде назначено лице од финансискиот сектор со што би се надминала блокираноста на институцијата,иако се свесни дека со тоа не се решава проблемот .

„Од 4 октомври наваму нацрт извештаите што се готови ,можам да кажам дека имам еден куп  што се готови во нацрт, но не можеме да ги дадеме на субјектите и да им го дадеме правото во рок  од 30 дена  да поднесат забелешки. Тие чекаат затоа што во нашиот закон  е наведено дека  главниот државен ревизор ги доставува нацрт и конечните ревизорски ивештаи“, изјави Лилјана Стојанова- помошник главен државен ревизор во ДЗР.

Според  годишната програма за работа за 2019-та Државниот завод за ревизија треба да изврши 54 контроли на работењето на државни институции од кои што 12 се во тек,11 се во фаза на  конечни извештаи,додека   31 извештај  чека на потпис од идниот  главен државен ревизор. Ревизијата на успешноста на СЈО е во програмата за работа на Заводот и пред овие случувања околу  исплатените бонуси во оваа институција ,велат од  ДЗР.Во моментов Заводот има неплатени достасани обврски од 1,2 милиони денари ,а вработените имаат проблеми околу  пензионирање,исплата на надоместок за боледување и со здравственото осигурување, а плата немаат земено од октомври.

Свето Николовски