Европскиот парламент прогласи климатска криза
Европскиот парламент прогласи климатска и еколошка криза. Во наредната декада штетните гасови треба да се намалат до 55%, а до 2050 година да се сведат на нула. Попрецизна стратегија за спас на планетата земја се очекува на декемвриската конференција на ОН во Мадрид.

Европскиот парламент усвои резолуција за прогласување на климатска и еколошка криза во Европа и во светот. Незадоволни од постојната, европратениците подготвуваат поамбициозна агенда фокусирана на решавање на клучните прашања во глобалниот проблем чиишто последици се одамна очигледни. Еврокомисијата веќе предложи до 2050 година да се постигне нулта емисија на стакленички гасови. Но поради противењето на Полска, Унгарија и Чешка, оваа идеја нема доволна поддршка во Европскиот совет. Од земјите-членки на блокот се очекува и удвојување на уплатата во меѓународниот Зелен климатски фонд. Пратениците потсетија дека треба да се одвојат 100 милијарди долари годишно во земјите во развој за да се ублажат катастрофите предизвикани од климатските промени.
„Европскиот парламент прифати амбициозни ставови пред конференцијата во Мадрид. Поради еколошката и климатската криза, клучно е да се намалат нашите емисии на стакленичките гасови за 55 проценти до 2030 година“, изјави Паскал Канфин, претседател на Одборот за заштита на животната средина.
Научниците и активистите постојано предупредуваат дека државите мора да се дејствуваат веднаш доколку светот сака да ја оствари целта од Париз за одржување на глобалното затоплување под 2 степена целзиусови, односно до 1 и пол до крајот на веков.
„Ако се надмине таа вредност, како на пример во некои земји каде што има и 4 степени, нема да сакате да живеете на такво место. Гледате дека постојат градови кои се целосно поплавени, уништени екосистеми. Тоа е тешко да се објасни бидејќи не знаете кои се крајните прагови доколку се случи нешто драматично“, изјави Џон Кристенсен, директор на УНЕП - ДТУ.
„Постои поголем ризик од предвидениот. Глобалното затоплување се случува побрзо, климатските влијанија се појавуваат порано, а ние се доближуваме до праг од кој веројатно нема враќање“, вели Јохан Рокштром, дикретор на Институтот за истражување на климатските влијанија, Германија.
„Долго чекавме за вистинска климатска заштита, така што, сега ни треба комбинација од сите опции со кои располагаме. Ни треба ублажување на последиците, ни треба обновлива енергија, биоенергија, а ни треба и елиминирање на непотребните емисии, но и на јаглерод диоксид од атмосферата“,рече Џесика Стрефлер, истражувач, Институт за истражување на климатските влијанија, Германија.
Конференциајта на ООН за климатските промени ќе се одржува во Мадрид од 2 до 13 декември. На годинашниот настан се очекуваат 25 илјади посетители.
Маја Филдишев
