Правда

Преиспитување на одлуката за аболиција од Иванов

29.11.2019 15:35

Уставниот суд ќе ја преиспитува одлуката за повлечената аболиција од екс претседателот Иванов. Ова е удар врз демократијата – став на претседателот Пендаровски. СДСМ во Собранието со барање за автентично толкување на членот 11 од Законот за амнестија. Одлуките на Уставен секогаш предизвикуваат правни последици – став на претседателот на Здружението на судии.

Уставниот суд на седница во среда ќе го преиспитува актот со кој беше повлечена аболицијата од поранешниот претседател Иванов во 2016 за 50-на тогашни функционери, кои претходно беа помилувани. За ваквата одлука се изјасниле мнозинството од уставните судии, кои ја прифатија иницијативата за разгледување на уставноста на членот 11 од законот за амнестија. Иницијативата за повлекување на аболицијата е директен удар врз демократијата, смета претседателот Пендаровски. Апелираше до уставните судии да ја преиспитаат одлуката.

Министерката за правда бара во Собранието автентично толкување на членот 11 од законот за амнестија. Потенцира - со тоа ќе се види кој е за правда и казни за оние кои се огрешиле од законот, а кој е за амнестија и помилување.

Одлуката на Уставен предизвика лавина реакции. Според правни експерти, ова може директно да влијае врз актуелните обвиненија и истраги и предметите што ги почна СЈО врз основа на прислушуваните разговори. Претседателот на здружението на судии Џемали Саити вели-одлуките на Уставен секогаш предизвикуваат правни последици.

СДСМ во Собранието поднесе барање за автентично толкување на членот 11 од законот за помилување, со цел како што рече портпаролот Костадинов да се спречи враќање на незаконската аболиција на Иванов.

Зоран Заев преку Уставниот суд создава можност по поразот на предвремените парламентарни избори да биде амнестиран за сите коруптивни афери и зделки познати во јавноста. Уставниот суд ќе создаде пракса, а Пендаровски треба да реализира, велат од ВМРО-ДПМНЕ.

ДУИ ќе консултира домашни и меѓународни непристрасни експерти, велат од партијата. Со одлуката на Уставен, членот 11 може да се укине или да се поништи. Во првиот случај тоа ќе значи дека законските промени ќе се однесуваат на сите идни постапувања, но ако се поништи, ќе се однесува и на сите досегашни, односно сите повторно ќе бидат помилувани и постапките против нив на суд се стопираат.

 

Милчо Велески