Комора на извршители

Извршителите на отворени денови ќе ги информираат должниците

29.11.2019 15:51

Извршителите на отворени денови ќе ги информираат должниците за работата. Средбите ќе се одржуваат во судовите. Од Комората на извршители велат дека Законот за извршување бил во интерес на граѓаните. Потсетуваат дека трошоците за загрозените категории граѓани се намалени за 70 насто, а социјалните случаи се изземени од плаќањето...

Извршителите и должниците ќе разговараат на отворените денови. Средбите треба да се одржувуваат во судовите низ земјава. Целта е да се надминат проблемите кои се јавуваат во текот на постапката. Граѓаните ќе добиваат правен совет.

„Сакаме да направиме контакт и да имаме подобар увид во тоа што бараат граѓаните, да имаме подобар увид и доколку има и од наша страна некои неправилности да ги детектираме. Граѓаните ги поддржуваме таму каде што се во право. Често граѓаните се жалат дека не ја добиле пресудата меѓутоа тоа не е приговор кој се однесува на извршителите тоа е приговор која се однесува на судската институција и во таква ситуација има правно средство да се повлече извршувањето со враќање во поранешна состојба“, изјави Зоран Димов - претседател на Комората за извршители.

Причина за отворените денови се протестите кои се организираа против извршителите од група граѓани.

Од Комората не се согласуваат системот на извршување да биде дел од судскиот систем. Во минатото тој се покажал како неефикасен, а доверителите биле доведени во ситуација на правна несигурност. Еден милион предмети биле оставени нерешени, многу постапки не биле почнати и по две децении.

„Иизвршувањето во првата година беше само 2 до 3 посто, додека со стапување на законот во 2006 година во првата година се извршуваа 40 проценти од барањата за извршување. Сметам дека враќањето во судовите ќе биде погубно за правниот систем и судските реформи во Република Македониј“, изјави Димов.

Законот за извршување велат, бил во интерес на граѓаните. Потсетуваат дека трошоците за загрозените категории граѓани се намалени за 70 насто, а социјалните случаи се изземени од плаќањето. Со ваквите законски одредби, извршителите во корист на доверителите наплатиле 50 милиони евра помалку споредбено со 2017 година. За 13 години со Законот за извршители биле наплатени 1,2 милијарди евра.

Во последните денови, граѓани засегнати од должничкиот проблем, протестираа барајќи ревизија на работењето на извршителите. Побараа да престане блокирањето на сметките, наплатата на долгот да не трае повеќе од две години и да се почитува застарувањето на долговите.  

 

Андријана Атанасовска