УЧИЛИШТЕН ИНФОРМАТОР

Ученички парламент

02.12.2019 11:51

Работилница на тема „Имам права, но имам и должности (одговорности)“

Во училиштето „Рајко Жинзифов“ од Дрчево, Скопје, беше реализиран вториот состанок на членовите на Ученичкиот парламент, од второ до петто одделение. На оваа средба бea присутни и директорката на училиштето Љубица Наумовска, педагогот Весна Рафеска, дефектологот Адријана Кукоска, одговорната наставничка Татјана Трпеска како и сите претставници – ученици на своите паралелки.

Учениците за овој состанок беа информирани преку покани што им беа лично предадени.

На почетокот на учениците им се обрати директорката на училиштето, Љубица Наумовска, која им посака многу успех во учењето како и во животот воопшто и им упати порака дека е важно секој ученик да биде свој на свој начин, како и да умее секогаш да си го искаже своето мислење, а за што секако постои и Ученичкиот парламент како дел од училишната средина во којашто учат и се формираат како личности сите ученици!

Состанокот продолжи со кратко потсетување на претходниот состанок од страна на педагогот на училиштето Весна Рафеска.

Следеа Активности во работилницата на тема: ,,Имам права, но имам и должности (одговорности)“

Преку техниката ,,Бура од идеи“ учениците низ повеќе примери изнесоа свои гледишта за овој поим, и може да се каже дека беа исклучително оригинални.

Следеше презентација на којашто низ повеќе од дваесетина слајдови на учениците им беа објаснети доста примери за правата и одговорностите, кои кај учениците побудија значителен интерес. Вниманието на учениците беше на високо ниво, повеќе пати низ разговор со нив, како и давањето вистински одговори на поставените прашања.

Во следната фаза на состанокот на учениците им беа дадени листови на коишто требаше да објаснат , да нацртаат, да напишат едно или повеќе права, а исто толку и одговорности. Беа поделени во 6 групи и откако им беше даден прибор за работа, учениците започнаа со работа.

На крајот од завршената работа сите групи ја презентираа преку свој избран соученик од својата група и истите со ракоплескање беа наградени.

Полни со убави чувства, расположени, горди од успешно реализираната активност, со збогатени знаења, учениците си отидоа во своите кабинети.

 

Радмила Гиевска