Шпанија

Почна климатскиот самит во Мадрид

02.12.2019 13:01

Генералниот секретар на Обединетите нации Гутереш порача дека емисијата на стакленички гасови мора да почне да се намалува во наредните 12 месеци за да се постигне јаглеродна неутралност до 2050-та година...

Политичари од целиот свет се собраа во Мадрид на климатскот самит на Обединетите нации. На самитот која ќе трае речиси две недели ќе се разговара за растечката закана од климатските промени. Генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш, претходно истакна дека светот се приближува до точка од која нема враќање. Истовремено организацијата „Спасете ги децата“ соопшти дека поради климатските промени во Африка гладуваат десетици милиони луѓе поради бројните циклони и суши во областа.

Одлуките што ги донесуваме овде ќе дефинираат дали ќе избереме пат на надеж, или пат на предавање. Запомнете: имаме обврска кон луѓето во светот. Да ги отвориме ушите пред мнозинството луѓе кои бараат промена. Да ги отвориме очите кон претстојната закана со која се соочуваме. Нема време и нема причина за одложување“, изјави генералниот секретар на ООН, Антонио Гутереш.

Гутереш порача дека емисијата на стакленички гасови мора да почне да се намалува во наредните 12 месеци за да се постигне јаглеродна неутралност до 2050 година. Додаде дека итно треба да се престане со копањето за фосилни горива, а наместо тоа да се искористи огромниот потенцијал на обновливата енергија и природните решенија.

На годинашниот самит присуствуваат околу 50 светски лидери. Наместо американскиот претседател Трамп учествува претседателката на Претставничкиот дом на САД, Ненси Пелоси.

Демократските членови на Конгресот истакнаа дека САД остануваат посветени на Парискиот климатски договор од 2015 година и покрај одлуката на претседателот Трамп да се повлече од него.

„Треба да се препознае улогата на САД во зачувувањето на оваа планета за идните генерации. Тука сме да ви кажеме во име на Претставничкиот дом во Конгресот на Соединетите држави: сè уште сме посветени на договорот“, изјави Пелоси.

Според најавите, генералниот секретар на ОН, ќе побара до државите да ги намалат емисиите на јаглерод. Го посочи контрастот на водството и мобилизацијата на младите низ светот наспроти отсуството на акција на владите. На конференцијата ЦО25 се очекуваат над 29.000 учесници и почеток на 12-месечни преговори, што треба да кулминираат следниот ноември во Глазгов. Иако речиси сите земји го имаат потпишано Парискиот договор за климата, од нив се бара до крајот на 2020 година да ги достават своите планови и заложби на тој план.

 

Марина Ристова