Како да се мотивирате кога не ви оди баш најдобро

02.12.2019 14:44

Зошто некои луѓе имаат проблеми со себемотивирање или не можат да истраат во некоја активност? Основни причини се: или нема доволно силна мотивација, или е погрешна стратегијата, чекорите и постапките.

За да се мотивираме, да имаме воља за нешто треба да имаме и одредени цели. Некои луѓе и кога точно знаат што сакаат не се во состојба да се мотивираат себе си, за да почнат со активности, неопходни за  достигнување на поставениte цели. Некои пак започнуваат, ама не се доволно истрајни и брзо губат мотивација, поради тежината на задачата или поради пречките и  околностите. Основни причини се: или нема доволно силна мотивација, или е погрешна стратегијата, чекорите и постапките.

Самопринудувањето   е една од најлошите стратегии за самомотивација, затоа што кај луѓето создава голем отпор. Со самото тоа што мислиме дека нешто мора да направиме, или дека од нешто мора да се откажеме, создава отпор кај нас затоа што мора да направиме нешто против своја воља. Тоа е насилство врз себе. Тоа е неодржливо за подолг период затоа што се јавуваат внатрешни конфликти, борба со себе и со својата сила која има рок на траење. Затоа работете го она што го сакате, а не она што морате. Кога нешто планирате или работите, потсете се дека тоа е ваш избор, ваша одлука, а не принуда, дека самостојно и свесно сте одбрале одредена цел. Значи желбата и слободниот избор се најдобри предуслови за самомотивирање.

Стравот од последици , самозастрашување со претпоставени негативни последици од одредени акции или од непревземање акции исто така е лоша стратегија за мотивирање. Стравот е непријатен и природно е да се избегнува. Тоа може да премине во хронична анксиозност и создава дополнителни проблеми. Затоа не размислувајте за претпоставени негативни исходи.

Ако ви се чини дека е доволен фактот што работата е интересна, тоа не е доволно за мотивација. Може да се случи понекогаш, но најчесто не е доволно. И покрај суштината или природата на самата активност ќе следуваат и помалку пријатни дејства и процеси кои нема да ве  мотивираат.

И чекањето  посебно расположение и елан не е добро. Кога луѓето би чекале да ги извршуваат задачите само кога се расположени, тогаш нема да завршат сѐ што наумиле. Тоа е променлива стратегија и може да трае многу кратко. Со промена на однесувањето може да се промени и расположението. На пример ако ви е досадно, впуштете се во некоја активност која ќе го окупира вашето внимание.

Чекањето другите да ве мотивираат е несоодветно затоа што она што вие го очекувате како поддршка, разбирање, поттик, не мора да биде како што вие сакате. Иако е пријатна поддршката од другите не треба да биде неопходна. Вие правите нешто зашто сами сте решиле , а не затоа што другите сакаат.

Најголема мотивација е  ако работите нешто со желба. Тогаш работите за себе, а не против себе. Тогаш нема да ви биде толку голем напор, зашто не се спротивставувате на се бе си.  Мислете на задоволството и чувството на спокој и среќа  што ќе следува по остварувањето на целта како награда. Таа е најдобар мотиватор и двигатор за одредено однесување.  Кога ќе паднете во искушение да се откажете поради тешкотиите на патот потсете се на наградата. Значи, откажете се од краткорочното задоволство во име на повисоката цел.

Направете добар и реален план и одредете временски рок за остварување. Добриот план е половина од работата. Но, одете со мали чекори , лесни за совладување, скала по скала, Големите чекори може да ви се видат тешки и да ве демотивираат, да ви ја нарушат самодовербата. Малите чекори ќе ви го потенцираат чувството на сигурност.

Кога работите нешто фокусирајте се на тоа целосно. Тоа ќе ви помогне да не размислувате за идните исходи кои може да бидат непредвидливи. Мислете само сега и овде или само на следниот чекор, а не на сите одеднаш. Малите успеси се сами по себе добри мотиватори.

Потпрете се само на себе и на своите потенцијали и ресурси.  Колку и да ви  помогнат другите луѓе не можат да го завземат вашето место иако се добредојдени.

Ако нешто постигнете сами, на крајот ќе имате поголема сатисфакција и посилно чувство дека имате контрола над себе и над ситуацијата. Тоа ќе ја поттикне вашата самодоверба...

Соња Стојановска