Политика

ВМРО-ДПМНЕ ќе предложи закон за потеклото на имотот на судии, обвинители, политичари

02.12.2019 15:01

Ќе поднесеме закон за испитување на потеклото на имотот на судии, обвинители, политичари, носители на јавни функции. Она што е нечесно стекнато да се врати кај народот, изјави лидерот на партијата Христијан Мицкоски. Претходно, и премиерот Заев ги повика антикорупционерите да почнат постапка за проверка и на имотот на судиите и на обвинителите.

ВМРО-ДПМНЕ ќе предложи закон за испитување на потеклото на имотот на судии, обвинители, политичари, носители на јавни функции. Партискиот лидер, Христијан Мицкоски ги повика институциите тој да биде прв за проверка, а потоа премиерот Заев, министрите, другите функциионери, судиите, обвинителите. Она што е нечесно стекнато да се врати кај народот, повика Мицкоски.

Мицкоски побара итна, неодложена и сеопфатна истрага за работата и за примањата на обвинителите од СЈО и на оние од Јавното обвинителство, како и за судии. Според него, со аферата „Кеш“ се покажало дека правосудниот систем е труд и ставен во функција да и служи на власта. Тој смета дека некои политичари се над државата, преку ноќ се стекнале со милиони евра, а обвинители и судии без основ земале државни пари, не носеле правда и заштитувале неправда.

Претходно, и премиерот заев ги повика антикорупционерите да почнат постапка за проверка и на имотот на судиите и на обвинителите. Според него, судството е последната тврдина на „заробената држава“.

Шефот на владата дециден- правосудството мораме да го прочистиме од нечесните судии и обвинители, за да можат чесните и професионалните, непречено да ја обезбедат правдата која ја чекаат граѓаните.

 

Наташа Гркова- Петрушевска