Квалитетот и сертификатите- главни услови за поинтензивна соработка со странските инвеститори

02.12.2019 15:22

Шест домашни мали и средни фирми од металопреработувачката и автомобилската индустрија учествуваа во проектот за зголемување на соработката на домашната индустрија со странските инвеститори во земјава. Веќе има и конкретни резултати. Како главни проблеми за влез во синџирите за снабдување се посочени - поседувањето соодветни сертификати, квалитетот на производот или услугата, но во одредени случаи и цената и времето на испорака.

Шест домашни мали и средни фирми од металопреработувачката и автомобилската индустрија учествуваа во проектот за нивно вклучување во синџирот на добавувачи на странските директни инвеститори во земјава, финансиски поддржан од Европската унија преку ИПА инструментот ЛОТ 1. Веќе има и конкретни резултати на воспоставена соработка, а како главни проблеми се посочени: непоседувањето соодветни сертификати, квалитетот на производот или услугата, но во одредени случаи и цената и времето на испорака.

„Елементи поврзани со квалитетот и поседување сертификати. Меѓутоа изненадиувачки беше што во одредени случаи имаше како пречка за евентуална соработка беа споменувани и цената и времето на испорака, што на почетокот делува малку нелогично затоа што ние постојано мислиме дека сме многу евтини и дека заради близината испораката не би требало да биде некаков посериозен проблем“, изјави проф. д-р Роберт Миновски, Машински факултет- Скопје.

Петнаесет директни странски инвеститори ги доставиле барањата што треба да бидат исполнети и кои услуги и производи им се потребни во производството. Одговориле 97 заинтересирани македонски компании, од кои над 30 биле директно скенирани при посета на работната група за да се увери во нивниот капацитет. Во насока на подобрување на перформансите, во оние сегменти што им биле потребни на домашните фирми, биле организирани шест дводневни обуки, а во нив учествувале 17 компании со над 30 вработени.

„На тој начин беа дефинирани тие 6 компании, односно 6 пилот проекти кои што понатаму беа спроведени во текот на целата оваа 2019-та година“, вели проф. д-р Бојан Јованоски од Машински факултет- Скопје.

Основна цел на проектот била да се подигнат перформансите на домашните компании, нивната продуктивност и компетитивност за да ги задоволат барањата на странските инвеститори и да бидат вклучени во нивните синџири на снабдување. Реализацијата на проектот им била доверена на: Машинскиот факултет - Скопје, Стопанската комора на Македонија и Техничкиот универзитет од Виена, со вклучување на повеќемина струденти.

 

Свето Николовски