Владина делегација предводена од премиерот Заев на Самит на НАТО во Лондон
Владина делегација, предводена од премиерот Заев ќе учествува на дводневниот лидерски состанок на НАТО во Лондон. Уште една ратификација ја дели земјава од полноправно членство во Алијансата...

Владина делегација, предводена од премиерот Зоран Заев ќе учествува денеска и утре на лондонскиот Самит, на кој се одбележува 70-годишнината од постоењето на Алијансата. Во состав на владината делегација се вицепремиерката и министерка за одбрана Радмила Шекеринска, вицепремиерот задолжен за европски прашања Бујар Османи и министерот за надворешни работи Никола Димитров.
Централно место во програмата е Состанокот на Северноатлантскиот совет на вториот ден од Самитот, на кој ќе учествува и премиерот Заев, со што Македонија ќе биде претставена на највисоко ниво во работата на телата на Алијансата.
По состанокот на Северноатлатскиот совет предвидена е прес-конференција на генералниот секретар на Алијансата, Јенс Столтенберг.
Премиерот Заев денеска, на првиот ден од Самитот ќе учествува и на панелот „Разговори – Одбрана и превенција за новата ера“, во рамките на конференцијата „НАТО се ангажира: Иновирање на Алијансата“.
Заев и членовите на делегацијата на Владата на Македонија за време на дводневниот самит на НАТО во Лондон ќе остварат и повеќе билатерални средби.
Претседателот на Владата е поканет и на прием кај Кралицата Елизабета во Бакингемската Палата, што се приредува за сите делегации, во чест на состанокот на лидери на НАТО, како и на вечера за шефовите на држави и/или влади што ја приредува премиерот на Обединетото Кралство, Борис Џонсон.
