Почна судењето за случајот „Рекет“, на обвинителна клупа Бојан Јовановски, Катица Јанева и Зоран Милески
Случајот „Рекет“ влезе во судница. Бојан Јовановски- Боки 13, Катица Јанева и Зоран Милески-Кичеец се обвинети за изнуда, примање мито и злоупотреба на службената положба. Јанева и Милески во Кривичен донесени од домашен притвор, Јовановски од „Шутка“...
Почна судењето за случајот „Рекет“. На обвинителна клупа се Бојан Јовановски- Боки 13, Катица Јанева и Зоран Милески- Кичеец, кои според обвинението побарале пари од бизнисменот Камчев за да го спасат од кривичен прогон во случајот „Империја“.
Рочиштето почна со задоцнување од 45 минути, бидејќи пред да биде донесен во судница, Јовановски бил на преглед кај затворскиот лекар. Пред судот рече дека не се чувствува добро, дека утрово десет пати повраќал, дека има желба активно да го следи судскиот процес, меѓутоа не е во состојба. Тоа го потврди и неговиот адвокат Дуковски.
„Не се чувствувам добро, ќе се изразам по мое, а не со лекарски речник, 10 пати повраќав, немам добиено дијагноза за новата терапија што ми е утврдена и утрово ми е многу тешко. Затворскиот доктор пред да дојдеме тука на судење кажа дека не сум во состојба да следам судење, но по мое инсистирање дојдов тука“, рече Јовановски пред судиите.
Наспроти ваквите тврдења на одбраната, обвинителката Вилма Русковска беше децидна дека Јовановски сака само да ја одолжува постапката и дека може да го следи судскиот процес.
„Лекарите од 8-ми Септември утврдиле дека тој е во добра здравствена состојба, јас верувам и сум убедена дека ниту еден лекар не би си ја ризикувал кариерата и лиценцата да даде поинакво мислење од она што навистина е. Мојот став е дека сакаат само да ја одолжат постапката“, рече Русковска.
Тројцата обвинети се товарат за примање награда за противзаконито влијание, а Јанева дополнително за злоупотреба на службената должност, додека Јовановски е обвинет и за перење пари и други приноси од казниво дело.
Предметот е распределен кај судечки совет со кој претседава судија Васка Николовска- Масевска.
