Во Лондон дводневен Самит на НАТО, и Македонија на маса на лидерскиот состанок
Во Лондон дводневен Самит на НАТО. Се одбележуваат 70 години од формирањето на најмоќниот воено-политички сојуз. И Македонија на маса на лидерскиот состанок. Делегацијата ја предводи премиерот Заев. Уште една ратификација ја дели земјава од полноправно членство во Алијансата...

Почна лидерскиот состанок на НАТО во Лондон со учество на земјава, како наскоро 30-тиот сојузник. Македонската делагација предводена од премиерот Заев, министрите за одбрана и за надворешни Шекеринска и Димитров, рамноправно ќе учествуваат на сите состаноци на алијансата, иако до полноправното членство не дели само уште ратификацијата од Шпанија.
Пред почетокот на лидерската, Генералниот секретар на НАТО по средбата со американскиот претседател Трамп истакна дека за само две години по критиките од Вашингтон, земјите- членки на НАТО го зголемиле вложувањето во одбраната за над 100 милијарди долари за праведно распоредувањето на товарот.
„И покрај несогласувањата, повторно докажавме дека се обединуваме околу задачата заемно да се браниме и заштитуваме. Тоа е она што со децении го правиме заедно, Северна Америка и Европа“, изјави генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг.
Американскиот претседател со критики до францускиот колега Макрон за неговата изјава дека, НАТО е клинички мртов. Трамп смета дека тоа е непочитување и дека токму Франција има голема корист од Алијансата која е столб на стабилноста во Европа.
„Тоа е тешка изјава. Кога давате таква изјава, тоа е гадно за 28-те други сојузници. Знаете, во Франција има висока невработеност и економски не им оди добро. Почнаа да оданочуваат други и ние ќе им вратиме. Тоа е многу тешка изјава кога секојдневно има протести на жолтите елеци. Франција имаше многу тешка година и не треба да даваат такви изјави за НАТО. Тоа е големо непочитување“, рече американскиот претседател, Доналд Трамп.
Лидерите од земјите- членки на НАТО на дводневниот состанок во Лондон ќе расправаат за вложувањето во нови технологии за справување со современите закани, за вселената како нова област за заштита, ситуацијата на Блискиот Исток, Иран, влијанието на Русија и Кина во Европа.
Ирина Гелевска
