Русија

Путин го потпиша Законот за странски агенти

03.12.2019 12:38

Отсега и поединците во Русија кои соработуваат со странски медиуми ќе може да бидат прогласени за „странски агенти“. Москва воведува закон кој го проширува постојниот кој се однесува на медиумски и невладини организации. Од 2012 година, секоја од нив е обврзана да се регистрира доколу добива финансии од надвор. Законот е воведен по најголемите антивладини протести по доаѓањето на Путин на власт...

Рускиот претседател Владимир Путин потпиша предлог-законот со кој на Владата и се дозволува да означува блогери, новинари и корисници на социјалните мрежи како „странски агенти“ доколку се вмешани во политика и примаат пари од странство. Во земјата веќе постои легислатива која им дава овластување на надлежните органи да брендираат нерегистрирани медиумски и невладини организации со терминот кој датира уште од Советската ера. За нив како целна група, одлуката е чекор кон замолчувањето на опозицијата и ограничување на слободните и независните медиуми. Руската влада тврди дека го спроведува истиот механизам на Западот. Законот беше донесен во 2017 година откако државната телевизија поддржана од Кремљ беше прогласена за странски агент во САД.

По најавата за суверен интернет, Кремљ дополнително ги заострува правилата и во виртуелниот простор. Од јули идната година, секој паметен електронски уред што се продава во Русија ќе мора да користи руски софтвер. „Касперски Лаб“ и „МегаФон“ се меѓу компаниите кои се оптимисти околу новиот закон. За разлика од нив, американскиот технолошки гигант „Епл“ се спротивставува на идејата да користи туѓ софтвер на своите уреди. Менаџментот претходно предупреди дека воведувањето на тие мерки ќе ги принуди да го сменат бизнис-моделот во Русија или да заминат целосно од рускиот пазар.

Во последните неколку години, Кремљ се обидува да ја зголеми својата контрола врз содржината до која има пристап рускиот народ.  Поддржувачите на идејата тврдат дека со ова се штити системот од надворешни напади, вклучувајќи го и ширењето на лажните вести.

 

Маја Филдишев