Новата сезона на „Преспав“ од 18-ти декември на МРТ
Последна клапа од четвртата сезона на „Преспав“. Снимени се 20 епизоди. Емитувањето ќе почне од 18-ти месецов. Продуцентот очекува најдобра сезона досега...
Последна клапа од четвртата сезона на „Преспав“. Продуцентите најавуваат дека ќе биде најквалитетна и најзабавна досега. Од 18-ти декември на националниот сервис ќе почнат да се емитуваат новите епизоди.
„Преспав“ доживеа најголем успех меѓу телевизиските проекти досега, а рецептот за гледаност според Талески се добрата екипа актери и интересното сценарио. Секоја епизода има нова тема, проблем, конфликт, нова разрешница и многу доживувања со хумор близок секому од нас. Во серијата има и нови ликови.
„Тоа ќе биде добра забава наредните неколку месеци на МРТ. Го снимивме и новогодишниот Преспав, што значи дека на 31-ви декември од 20:30 ќе ја имаме и новогодишната програма на Преспав“, вели продуцентот Пеце Талески.
Неверојатниот успех уште од стартот на „Препсав“ не изненади сите, вели режисерот Игор Иванов – Изи. А гледаноста се зголемува со секоја сезона.
„Се надевам дека така ќе биде и оваа година. Иако, кога правите ваков продукт тоа е и целта, да се направи нешто што е популарно, нешто што е гледливо за сите општествени групи“, изјави режисерот Игор Иванов- Изи.
По изминатата успешна сезона, „Преспав“ докажа дека е позитивен пример во македонскиот медиумски простор. Со продуцирање на новите 20 епизоди од четвртата сезона, се одбележува јубилеј, 100 епизоди од најуспешната серија.
Александра Спировска
