Протест против извршителите, граѓаните бараат конкретни резултати
Револтирани од работата на извршителите, побараа да се исполнат нивните барања, запирање на блокирањето на сметките, ограничување на времетраењето на наплатата на долгот и регулирање на нивната застареност.
Иницијативата „Стоп за извршители“ повторно на протест пред Министерството за правда. Револтирани од работата на извршителите, побараа да се исполнат нивните барања, запирање на блокирањето на сметките, ограничување на времетраењето на наплатата на долгот и регулирање на нивната застареност.
Марјан Ристески, еден од иницијаторите на протестот, потенцира дека штом надлежните кажуваат дека сакаат да имат средба со граѓаните кои протестираат, тогаш „нека излезат па да видиме колку се храбри да се соочат со граѓаните, каде само неколку прашања ќе им поставиме“.
Ги гледате како бегаат како ѓавол од крст кога некој ќе им спомне да работат за плата да се вратат во суд, па се жалат дека не можат да преживеат. Самите се контрадикторни. Ако веќе им е намален обемот на работа, ако немаат профит зошто не работат во суд за плата како секој граѓанин. Што е во прашање зошто не се враќаат? Во прашање се парите. Сакаат и понатаму да крадат, понатаму сакаат да одат на егзотични патувања. А овој народ не може да преживее. Бараме ветинг и за извршителите и ревизија на нивната работа, рече Ристески.
Граѓаните порачаа дека нема да се задоволат само со ветувања и бараат конкретни резултати, и посочуваат дека ќе протестираат додека надлежните не преземаат конкретни мерки.
